1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светската економија заздравува

27 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AeSW
Економските показатели и сите експертски прогнози објавени деновите потврдуваат: светското стопанство е во подем кој треба да се забрза во наредната година. ОЕЦД - Организација за економска соработка и развој, проценува дека наредната година во 30 најважни индустриски држави во светот стапката на стопански пораст ќе изнесува 3 насто, што е цел процентен поен повеќе отколку годинава. Носител на подемот на конјунктурата се САД, чие стопанство според прогнозите на ОЕЦД наредната година ќе оствари пораст од 4,2 насто. Големото заживување на потрошувачката и инвестициите во Америка придонесоа севкупното стопанското остварување во третиот квартал од тековнава година да биде поголемо за 8,2 процента во однос на претходното тримесечје, што е над сите прогнози и пораст каков што не е забележан за речиси 20 последни години. Од ваквиот тренд сепак не профитираа американските фирми што им припаѓаат на германски претпријатија: опаѓањето на нивниот индекс во третиот квартал е соодветно на пад на порастот од 2 на само половина процент. Такви фирми има повеќе од 2 илјади со речиси 750 илјади вработени и вкупен обрт од 500 милијарди долари годишно. За Германија прогнозата на ОЕЦД вели: 1,5 во наредната и 2,3 проценти во 2005-та година. Малку во трансатлантска споредба, многу со оглед на предвидувањата на министерот за финансии Ханс Ајхел дека германската економија годинава ќе ја заврши побргу со негативна, отколку со позитивна нула. Прогнозите за подем наоѓаат потпора и во константното подобрување на расположението во стопанството: индексот на деловната клима во ноември се зголеми од 94,3 на 95,7 поени. Ова е веќе седмо последовно регистрирано подобрување и претставува сигнал за лесен конјунктурен замав. Претприемачите ги оценија како подобри и актуелната стопанска ситуација, како и изгледите за во иднина.