1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска банка против сиромаштијата

Ролф Венкел / Елизабета М. Фиданоска11 октомври 2013

Претседателот на Светска банка, Џим Јонг Ким, е амбициозен. Тој сака да ја искорени сиромаштијата до наредната генерација и за своите цели бара поддршка на годишната средба на Светска банка и ММФ во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/19y3x
Фотографија: DW/R. Wenkel

На Џим Јонг Ким не му е лесно. На годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка (СБ), кога се собираат министрите за финансии и шефовите на централните банки на 188 земји во светот, шефот на СБ е секогаш во сенка на ММФ и на неговата шефица Кристин Лагард. Тоа не е чудо, ако се има предвид дека ММФ е финансискиот пожарникар на ОН, а Светска банка се вклучува само ако „гори“. Во изминатите декади имаше доволно кризи, а акциите на пожарникарот се се‘ поспектакуларни. Наспроти тоа, работата на Светска банка не е толку на насловните страници. Основана по Втората светска војна од страна на ОН, со цел да ја финансира обновата на уништената Европа, Светска банка денес има развојнополитички задачи. Таа треба да им помага финансиски на сиромашните земји, да им дава совети и техничка помош и со тоа да придонесува во борбата против сиромаштијата.

Прави добро и зборувај за тоа

Тешка и жилава работа, која е на насловните страници само ако парите од Светска банка се најдат во погрешни канали или ако постои закана од пропаѓање на големи проекти. Тоа не е по вкусот на Џим Јонг Ким, доктор по медицински науки, кој е на чело на Светска банка една година. Тој сака дa прави добро и за тоа да зборува гласно.

Банката во моментов има доделено повеќе од 100 милијарди долари, со кои се финансираат околу 700 развојни проекти во над 100 земји во светот, а кои не секогаш имаат смисол. Така, на пример, прашање е дали на индиските државни банки им се потребни кредити од Светска банка или дали на земји како Полска или Турција, кои одвај да беа погодени од финансиската криза, навистина им се неопходни милијардите на Светска банка.

Jim Yong Kim Chef der Weltbank
Џим Јонг Ким е амбициозенФотографија: REUTERS

Помош за фрагилните држави

Џим Јонг Ким сака тоа да го промени. Тој сака да ја направи Светска банка поефикасна и помоќна, сака новите проекти да се концентрираат на оние на кои навистина им се неопходни, што значи на земјите со фрагилни влади и институции или оние кои се опоравуваат во вооружени конфликти. Нему особено му лежат на срце земјите зафатени со Арапската пролет: „Ако имаме можност во тие земји да ги изградиме институциите, инфраструктурата или образовниот систем и притоа привлечеме уште и приватни инвеститори, тогаш таа можност треба и да ја искористиме“, вели Џим Јонг Ким.

За Ким не е случајност што многу држави од Арапската пролет го имаат зад себе периодот на економски пораст. Тој пораст меѓутоа не е распореден рамномерно, па затоа создава незадоволство и исклучува голем број луѓе од благосостојбата и регуларните работни места. „Кога во 2011 година милиони луѓе во Египет излегоа на улиците, протестираа и нивните деца на училиште, барајќи подобро образование. Тоа се случува кога порастот и благосостојбата се резервирани само за одбрани луѓе. Во сите оние кои се исклучени тлее чувство на неправда.“

Кредот на Ким е дека пост-конфликтните држави се најефикасен лост за борба против сиромаштијата. Во светот, 20 проценти од населението живее се‘ уште со помалку од 1,25 долари дневно. Ким сака ваквиот број на сиромашни да го преполови, а потоа и да ја искорени сиромаштијата и тоа во период од една генерација - до 2030 година!. За тоа ќе се залага на годишната средба на банкарите и политичарите од 188 држави.