1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светските берзи во слободен пад

9 август 2011

Берзите ширум светот продолжија да работат со загуба. Експертите проценуваат дека од мај до сега загубиле околу 20 проценти. Шпанија и Италија се стабилизираат по интервенцијата на Европската централна банка.

https://p.dw.com/p/12DPc
Фотографија: picture alliance/dpa

Инвесторите сега со нетрпение го очекуваат состанокот на Американската централна банка, закажан за доцна попладнево, од кој треба да произлезат препораки за нов монетарен стимулативен пакет. Зголемувањето на инфлацијата во Кина дополнително ги загрижи аналитичарите, покрај забавувањето на растот во САД и должничката криза во Европа.

Севкупно, аналитичарите денеска потврдија дека Светскиот берзански индекс МСЦИ, од мај годинава досега загубил околу 20 проценти од својата вредност. Освен пазарите на развиените индустриски земји, за околу 3,3 проценти паднаа курсевите и на берзите во земјите во развој.

China Talfahrt an den Finanzmärkten geht weiter
Фотографија: dapd

„Дури ни во периодот на глобалната економска криза на пазарите состојбата не беше толку драматична“, оценува шефот на берзата во Сиднеј, Џастин Галагер.

Економистите предупредуваат од крах

Големи загуби од речиси 10 проценти забележаа берзите во Јужна Америка. Пред денешното затворање, азиските берзи забележаа негатива од еден до 10 проценти.

На европските берзи, втор ден по ред, на отворањето беше забележан благ пораст по што следуваше драматичен пад. Според најновите информации, берзата во Франкфурт бележи негатива од близу 5 проценти, париската и циришката околу 4 проценти, а ништо подобро не е ниту на берзата во Москва.

Според поранешниот главен економист на Дојче банк, Норберт Валтер состојбата на берзите е драматична. „Ова е веќе крах. На многу важни и големи берзи има пад од 15 проценти. Тоа веќе има квалитет на крах. Би рекол дека има една нова причина која предизвикува системски, поголеми грижи: мислам дека светот свати оти презадолженоста на многу приватни лица, пред се’ во областа на недвижностите, како и на многу држави, пречекори една мера, така што сега има само една насока - намалување на презадолженоста. Тоа значи дека многу земји мораат екстремно да штедат“, вели Валтер.

Frankfurt Börse Crash Kursverluste Finanzkrise Jean-Claude Trichet
Претседателот на Европската централна банка, Жан Клод ТришеФотографија: dapd

Интервенцијата на ЕЦБ донесе оптимизам

Мал повод за оптимизам дојде од релаксирањето на каматите на државните обврзници на Шпанија и Италија, кои почнаа да паѓаат по интервенцијата на Европската централна банка. Дополнително, шефот на ЕЦБ, Жан Клод Трише денеска ги повика овие две земји да го „исполнат својот дел од должноста“, преку намалување на јавниот долг и стабилизирање на финансиите.

Паралелно со падот на берзите, расте цената на златото и на швајцарскиот франк, кои инвеститорите ги користат како сигурни прибежишта во време на криза. Цената на една унца злато достигна 1.750 долари, додека франкот се менува за рекорден курс во однос на еврото. Ваквиот тренд, според експертите, ќе продолжи и во наредниот период.

Нафтата, пак, достигна рекордно ниска цена во последните години, од околу 80 долари за барел, како резултат на стравот на инвеститорите дека намалениот економски раст ќе доведе и до пад на нејзината побарувачка.

Автор: Борис Георгиевски/ројтерс/афп/бета

Редактор: Горан Чутаноски