1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светски ден на превенција од самоубиства

Андреа Грунау / Елизабета Милошевска Фиданоска10 септември 2012

Во Германија секои 53 минути се случува самоубиство. Чин кој е често проследен со молк на семејството и околината. Експертите бараат поголема отвореност и помош, но и предупредуваат.

https://p.dw.com/p/165vB
Фотографија: picture-alliance/dpa

Самоубиството на голманот на германската фудбалска репрезентација Роберт Енке во 2009 година, за кое во медиумите се известуваше нашироко, предизвика многумина да го следат тој чекор. „Ако тој не успеал, како ќе успеам јас?“ - тоа е честата реакција на пациентите кога ќе слушнат дека некоја позната личност извршила самобуство, вели Георг Фидлер од Центарот за терапија од зависности на универзитетската клиника Хамбург-Епендорф. Фидлер е секретар на Националната програма за превенција од самоубиства, кон која се приклучени околу 200 научници и експерти. Тој утврдил дека по смртта на Енке имало „значително зачестени самоубиства на млади мажи во таа возрасна група кои животот си го одзеле на ист начин“.

Катастрофа за семејствата

„Син ми остави порака: ’Ќе направам како Роберт’ и се фрли под воз“. Елизабет Брокман од организацијата за самопомош АГУС примала вакви повици по смртта на Енке. Секое самоубиство за семејствата е „катастрофа“, вели Брокман за ДВ.

Околината често реагира со беспомошен молк. Пријателите, соседите, колегите се повлекуваат токму тогаш кога потребата е најголема, веројатно затоа што самоубството со векови е табуизирано и осудувано како грев. Експертите и луѓето за помош на денешниот Светски ден за превенција од самоубиства (10.09.2012) опоменуваат дека за самоубствата треба повеќе да се зборува и на погодените треба подобро да им се помогне, но притоа треба постојано да се внимава какви пораки се испраќаат.

Porträt des Diplom-Psychologen Georg Fiedler Uniklinik Hamburg-Eppendorf
Георг Фидлер: Кога постои опасност од самоубиство не станува збор дека човек сака да умре, туку не знае како натаму да живееФотографија: Georg Fiedler

Фидлер во интервју за ДВ нагласува дека кога постои опасност од самоубиство не станува збор дека „човек сака да умре, туку не знае како натаму да живее“. Затоа повеќето луѓе кои се загрозени од самоубиство бараат и самите помош. Но има премалку понуди и места за помош надвор од психијатриските клиники. Според официјалните податоци, во 2010 година се самоубиле 10.021 лица, а околу десет пати повеќе направиле обид за самоубиство. Повеќе луѓе умираат самоубивајќи се, отколку „во сообраќајни несреќи, убиства, од дроги или сида заедно“, потенцира Фидлер.

Прашањето - зошто?

Во Германија, како и во повеќето други држави, животот си го одземаат многу повеќе мажи отколку жени. Ризикот се зголемува со зголемувањето на возраста - во 2010 година просечната возраст на лицата што си го одзеле животот изнесувала 56 години.

Самоубиството кај помладите генерации се вбројува меѓу главните причини за смрт. Но што се всушност причините за самоубиство? Ова прашање со години ги мачи семејствата, нагласува Елизабет Брокман: „Што се случи со мојот сопруг или со моето дете? Што превидов, имам ли вина?“ Прашањето - „Зошто?“ не може да го одговори јасно ниту науката.

Elisabeth Brockmann AGUS
Елизабет Брокман: За самоубиство секогаш има многу факториФотографија: AGUS

Иако одговорот никогаш не е конечен, лекарите и психолозите сметаат дека 90 проценти од луѓето што извршиле самоубиство страдале од психички болести. Дел од ризиците не се само депресиите, туку и зависностите и анксиозноста. Истражувањата покажуваат и дека влијание врз бројот на самоубиства имаат и невработеноста и економските кризи, вели Фидлер. Педагогот Елизабет Брокман вели дека луѓето често стремат кон едноставни одговори како причина за самоубиство, како „затоа што шефот беше лош, затоа што училиштето бараше многу, затоа што сопругот беше ретко дома“, но тоа нема врска со реалноста, зашто за самоубиство секогаш има многу фактори.