1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300410 Konferenz Atomwaffensperrvertrag

3 мај 2010

Денеска (03.05.10) во Њујорк, во седиштето на ОН, почнува конференцијата на која ќе се разгледа спроведувањето на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ), кој стапи на сила пред 40 години.

https://p.dw.com/p/NDD3
Фотографија: AP Graphics

Пред 42 години, на први јули 1968, во европската централа на ОН, во Женева, 18 држави постигнаа Договор за неширење на нуклеарно оружје. Преговорите за Договорот траеја речиси 30 месеци. Дин Раск, тогашен министер за надворешни работи на САД, кои до тој момент беа единствени што употребија вакво оружје за масовно уништување, резултатот од преговорите го оцени како голем успех: „Овој Договор е заедничко постигнување на сите нации кои ја делат нашата загриженост околу опасностите од ширењето нуклеарно оружје. Согласноста за договорот не беше постигната едноставно, зашто тој допира во основните безбедносно-политички, технолошки и економски интереси на многу земји.“

Осигурана привилегија

Интерес на САД, Советскиот сојуз, Велика Британија, Франција и Кина - значи оние пет држави кои до крајот на 60-тите години веќе имаа развиено и тестирано атомско оружје, беше да ги спречат во таквите намери другите земји. Со Договорот за неширење на нуклеарното оружје, петте земји си ја осигураа привилегијата на единствени официјално признати атомски сили. За возврат, останатите, во меѓувреме 183 држави потписнички на Договорот, добија право на неограничено цивилно користење на нуклеарна технологија за добивање енергија. Освен тоа, петте официјално признати нукеларни сили се обврзаа на сериозни преговори за комплетно разоружување.

Infografik Die Atomwaffenarsenale der Welt
Атомско оружје во светот (график)

Недоволни договори

Ваквата обврска петте држави, според мислењето на останатите 183 земји кои немаат нуклеарно оружје, не ја исполнија. Египетскиот амбасадор Мохамед Шакер, кој во 60-тите години како млад дипломат учествувал во женевските преговори околу Договорот за неширење на нуклеарно оружје, критикува дека и останатите договори за разоружување меѓу Вашингтон и Москва кои се склучени потоа, меѓу кои и СТАРТ-договорот, се апсолутно недоволни: „Овие договори се сиромашен резултат за временски период од 40 години. Мора да се констатира дека надежите и ветувањата разгорени во 60-тите години, не се исполнети ни оддалеку. Она што мора да се оствари многу бргу и што има висок приоритет е стапување на сила на договор за сеопфатна забрана на нуклеарни проби.“

Flash-Galerie Atommächte weltweit
Фотографија: AP

Илузии и стварност

Освен петте официјални нуклеарни сили, во меѓувреме и Индија, Израел и Пакистан поседуваат атомско оружје. Трите земји не го имаат потпишано Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Северна Кореја, која пред седум години се откажа од Договорот, има спроведено атомски проби, а во случајот на Иран, кој се приклучи на Договорот во 1977 година има се‘ повеќе индиции, не и докази, дека има забранета програма за развој на атомско оружје.

„Илузија е да се мисли дека поседувањето вакво оружје носи престиж. Дали некој сериозно мисли дека во наредните 20 години нема да дојде до ширење на нуклеарното оружје? САД се решени да го запрат натамошното ширење“, оцени американскиот претседател Барак Обама.

Предлози без шанси?

Затоа САД и нивните западни сојузници на конференцијата во Њујорк имаат за цел, во прва линија, зајакнување на компетенциите и на правата на инспекции и на контрола на Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена за тоа како се спроведува Договорот за неширење нуклеарно оружје. Но, ваквите предлози, според сегашните изгледи, немаат добри шанси да поминат, зашто недовербата кај голем дел земји кои не поседуваат нуклеарно оружје е преголема. Тие сметаат дека предложените мерки ќе ги ограничат нивните можности за неограничено цивилно користење на нуклеарната технологија.

Автор: Андреас Цумах / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска