1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Свечено предавање на власта во Либија

СН/БГ/ртр/дпа/миа/мф9 август 2012

Во свечена церемонија Либискиот национален преоден совет ја предаде власта на новоизбраното собрание со што беше извршена првата мирољубива транзиција во поновата историја на земјата.

https://p.dw.com/p/15m6K
Фотографија: Reuters

Новоизбраниот состав на парламентот на Либија официјално стапи на функција. 200-членото „Национално собрание“ ја презеде власта од Преодниот совет кој раководеше со земјата по соборувањето од власт на долгогодишниот властодржец Моамер ел Гадафи во минатата година. Церемонијата во Триполи беше прво мирољубиво предавање на власта во поновата историја на Либија.

Инаку Моамер ел Гадафи ја презеде власта во 1969. година во крвав воен пуч во кој од престолот беше симнат кралот Идрис.

Пред распуштањето на Националниот преоден совет, неговиот претседател Мустафа Абдел Џалил одржа говор и рече дека „ги предава уставните надлежности на Националното собрание кое од сега е единствен легитимен претставник на либискиот народ“.

Тој притоа изрази жалење дека на Советот не му успеало повторно целосно да воспостави безбедност во земјата, но истакна дека Преодниот совет управувал со земјата во „незгодно време“.

Либијците на 7. јули гласаа на први слободни избори по граѓанската војна, која доведе до соборување на режимот на Гадафи, по неговото 40-годишно владеење со земјата.

Уставотворното собрание е составено од 200 пратеници од редовите на политичките партии и независни пратеници. Собранието треба ја води земјата во нов изборен циклус според одредбите на Уставот.

Пренесувањето на власта во Либија се случува во момент на нови безбедносни неизвесности предизвикани од минатонеделниот бомбашки напад во Бенгази и убиството на тројца мажи во близина на Триполи на 6 август, со кои според властите успешно е спречен нов бомбашки напад.