1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

260409 Schweinegrippe Mexiko

26 април 2009

Бројот на жртви од свински грип во Мексико се зголеми на 81. Во болниците се лекуваат 1324 пациенти заразени со вирусот на свински грип. Анти-вирусот што во меѓувреме се применува, делува само ако се даде доволно рано.

https://p.dw.com/p/HeXH
Мексико-сити стана град на сини маски

Министерот за здравство на Мексико, Хозе Анхел Кордова, соопшти: „Регистриравме 81 смртен случај. Смртните случаи се должат веројатно на новиот вирус. Но, тоа е докажано само кај 20 починати лица. Анти-вирусот што го користиме е ефикасен само ако се даде доволно рано. Ваков лек имаме во доволни количества. Ќе продолжиме да делиме заштитни маски за устата и ќе ги информираме граѓаните. За да ја намалиме опасноста од зараза откажани се сите поголеми манифестации. Тоа се однесува, на пример, на црквите, стадионите, театрите, кината, како и кафеанчиња и дискотеки каде што се собираат поголем број луѓе.“

Детските градинки, училиштата и универзитетите ќе останат затворени уште еднаипол недела - до 6 мај. Тоа важи за главниот град, како и 31 сојузна држава во Мексико. Владата, во меѓувреме, донесе декрет со кој го задржува правото, на пример, да затвора ресторани за да спречи ширење на епидемијата, потоа да прегледува туристи, да врши инспекција на станови или да запленува медицински апарати. Претседателот, Фелипе Калдерон даде уверување дека ќе се преземат сите неопходни мерки.

Речиси сосема „мртов“ јавен живот

Јавниот живот во регионот на метрополата, Мексико-сити, е во голема мерка - замрен. Викендов се откажани над 500 манифестации, а три натпревари од првата лига ќе мора да се играат во празни стадиони. Насекаде во градот, пред се‘ на станиците на јавниот сообраќај, се разместени војници кои делат бесплатно заштитни маски за устата. Полицајци запираат пешаци и им туркаат маски в раце. Во аптеките, пак, заштитните маски се веќе распродадени. Една жена вели: „Веќе барав во пет аптеки - безуспешно. Ги оставив децата дома, а вратите и прозорците се запечатени.“

Schweinegrippe in Mexiko
Фотографија: AP

Еден маж објаснува: „Барам маски за уста, но овде веќе нема, можеби затоа што во блзиина се наоѓаат две болници. Инаку, се обидувам да излегувам надвор што е можно помалку.“

Сините маски кои се ставаат преку носот и устата, за само еден ден, станаа заштите знак на метрополата, која е сосема несигурна. Додека мексиканската влада зборува за „контролирана епидемија“, Светската здравствена организација предупредува дека е можна пандемија.

Мексиканците прашуваат - кому да му веруваме?

Според лекарите, наредните 72 часа треба да покажат дали ширењето на болеста останува во органичени размери или грипот се шири. Дотогаш, граѓаните на Мексико сити се држат до најважните совети - да се остане дома, да се мијат често рацете и при поздравување со други лица да се држи отстојание.


Автор: Михаел Кастрициус / Елизабета Милошевска Фиданоска