1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ бара разрешување на Вељаноски

ЕМФ/миа24 октомври 2013

Пратеничката група на СДСМ денеска (24.10) најави дека ќе предложи одлука за разрешување на Трајко Вељаноски од функцијата претседател на Собранието.

https://p.dw.com/p/1A5bx
Фотографија: MAKFAX

Социјалдемократите бараат и итно организирање на надзорна расправа за нарушување на пресумпцијата на невиност, злоупотреба на притворот, загрозувањето на правото на изразување и медиумската слобода, како и одржување на посебна седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Барањето за разрешување на првиот парламентарец, како што изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски, е поради тоа што тој, според опозициската партија, упорно го прекршува Уставот, законите и Деловникот, и свесно и директно работи на штета на угледот на институциите и правната држава.

Надзорната расправа СДСМ бара да се спроведе без одлагање во Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците и да биде водена од пратеник на ВМРО - ДПМНЕ. Ќе побараат гости на оваа надзорна расправа да бидат премиерот Никола Груевски, претседателката на РСС Александра Зафировска и членови на ова тело, министерот за правда Блерим Беџети и неговиот заменик Билјана Бришковска- Бошковски, евроамбасадорот Аиво Орав, новинари и други.

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus
Фотографија: MIA

Ивановски рече дека на 17 октомври СДСМ и НСДП, согласно член 185 став 1 од Деловникот, поднесоа Информација за активностите на Владата и владините органи на Република Македонија за погазување на уставното начело на пресумпција на невиност и злоупотреба на притворот, како резултат на што Република Македонија станува држава на политички прогон и политички затвореници. Тој го обвини претседателот на Собранието дека четири дена одбива да ја стави на дневен ред на наредните седници, со образложение во кое бара да биде сменет насловот на Информацијата бидејќи прејудицирал заклучок и имал навредливи формулации за угледот на институциите на државата.

Пратениците на СДСМ во Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, ќе побараат одржување на посебна седница на ова тело, на која ќе се разговара за, како што рече Ивановски, вчерашното оневозможување на уставно загарантираното право за протест и слобода на изразување. Пратеничката група на СДСМ, според него, нема да дозволи да биде спречена дебата во Собранието.