1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ ги одбележа случувањата од 24 декември

АМ/миа24 декември 2013

Опозициската СДСМ денеска со симболичен собир ги одбележаа случувањата во и надвор од Собранието од пред една година. Присутните носеа маици со пречкртан збор режим и слобода. Реакција дојде од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/1AgLU
Фотографија: MAKFAX

„На 24 декември минатата година власта со примена на бруталност и насилство дефинираше режимско владеење, легитимно избраните пратеници од опозицијата беа прегазени на своите работни места, а првпат во историјата на новинарската професија новинарите беа отстранети од собраниската сала“, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев на собирот пред зградата на Собранието.

Власта, оцени Заев, го претвори Собранието од храм на демократијата во срам на државата.

„Прекршувањето на Уставот и законот директно од власта е констатирано во заклучоците на работната група за настаните од 24 декември, со што е отворен просторот виновниците да одговараат кога-тогаш пред лицето на правдата за стореното дело“, изјави Заев, оценувајќи и дека една година по случувањата во Собранието системот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ е пред колапс.

Proteste vor Parlament in Skopje Mazedonien
Тензиите на 24.12.2012 се случуваа во, но и надвор од парламентотФотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателот на СДСМ порача дека 24 декември 2012 година не смее да се заборави и оти нема да се дозволи да се повтори. Кога СДСМ ќе дојде на власт, според Заев, ќе ја мотивира и поттикнува слободата на мислата, говорот и делувањето, но и дека никогаш повеќе во Македонија немало да биде донесен буџет на нелегитимен начин.

За ВМРО-ДПМНЕ изјавата на Заев е трагична

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја оцени како трагична, жална и нереална денешната изјава на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во реакција на изјавата, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека Заев наспатил по налог на поранешниот лидер на опозициската партија Бранко Црвенковски.

„Оваа прес-конференција освен што покажува под каква контрола е Зоран Заев, исто така покажува и колку некогаш човековата природа знае да забега, потценувајќи ги граѓаните и ветувајќи им брда и долини“, се вели во реакцијата. Владејачката партија понатаму пишува: „Недостасуваше на крај Заев уште да каже дека, ако тој и СДСМ дојдат на власт, во Македонија нема да има несреќен човек и просечниот животен век, ако дојде СДСМ на власт, ќе биде 250 години“.

„Денешната изјава на Заев ја оценуваме како трагична и жална и тотално надвор од реалноста“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
На овој ден пред една година од собраниската галерија беа отстранети и новинаритеФотографија: MAKFAX

Расправа - една година потоа

Дебата за минатогодишните случувања на овој датум се отвори и во Собранието. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски побара претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да се извини на јавноста и на граѓаните за тоа што, како што рече, со кршењето на Уставот преку незаконското носење на Буџетот и бркањето на новинарите и пратениците минатата година на овој ден Македонија била ставена на столбот на срамот.

„Една година потоа не одговараа ниту нарачетелите, ниту извршителите. Затоа не нам, туку на јавноста и’ должите извинување“, рече Ивановски, според кого е потребно едноминутно молчење, на кое требале да се приклучат и пратениците од власта.

„Едноминутно молчење е потребно за срамот што вие - пратениците од опозицијата, го направивте на македонската парламентарна демократија со тоа што ги малтретиравте своите колеги, не навредувавте, упатувавте пцости и погрдни зборови, не ни дозволувавте да дојдеме на своите работни места, не и’ дозволувавте на претседателката на Законодавно правната комисија Благородна Дулиќ да ја води седницата“, рече координаторката на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, според која пратениците не требале го послушаат сценариото на Бранко Црвенковски, зашто, како што рече, тоа му била единствена можност преку тензии и недемократски средства да дојде на ласт.

„Бевте марионети и игравте во театарот на Бранко Црвенковски. Тој правеше тензии надвор од Парламентот, а вие внатре“, рече Бонева.

Таа се надева дека од минатогодишните случувања ќе биде извлечена поука и оти во иднина ниту еден пратеник нема да нападне и малтретира свои колеги.