1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ го напушти парламентот

28 јануари 2011

Македонското Собрание останува речиси без пратеници од опозицијата, откако денеска најголемата партија СДСМ најави дека го напушта парламентот.

https://p.dw.com/p/106lC
Бранко ЦрвенковскиФотографија: MIA

Партискиот претседател Бранко Црвенковски на прес-конференција оцени дека тоа е единствениот начин да се урне легитимитетот на актуелната власт.

СДСМ повеќе нема да учествува во работата на македонското Собрание, најави денеска претседателот на најголемата опозициска партија Бранко Црвенковски. Тој на прес-конференција оцени дека „Македонија под власта на Никола Груевски не е ни слободна, ниту демократска држава“.

„Јас лично никогаш не сум поддржувал бојкот на институциите. Секогаш сум верувал дека во една парламентарна демократија тоа не е вистински начин на водење на политичката битка. Но, Македонија со оваа власт одамна не е демократија. Ете му го на Груевски парламентот таков каков што отсекогаш го посакуваше - без опозиција“, изјави Црвенковски.

Parlament Gebäude in Skopje Innenansicht, Mazedonien
Парламентот останува речиси без опозицијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Тој најави дека неговата партија од денеска оди на другата страна од барикадата, меѓу народот.

Повод за бојкотот на СДСМ е судската блокада на сметките на А1 телевизија и на дневните весници кои излегуваат на истата адреса.

„Повеќе од два месеци“, рече Црвенковски, не‘ убедуваа дека во случајот ’Перо Наков’ не се работи за напад на медиумите, туку за борба против криминалот. „Сакам да ве потсетам дека јас лично, во името на СДСМ јавно изјавив дека ако Велија Рамковски го прекршил законот треба да одговара. Зошто блокада на сметките на А1, на Шпиц, Време и Коха е ре?“, праша Црвенковски.

Со заминувањето на СДСМ, опозицијата во Собранието во иднина ќе ја претставуваат само пратениците од ЛДП, од каде засега нема најава дали ќе се приклучат кон бојкотот. Повеќе од една и пол година, парламентот го бојкотираат и пратениците на ДПА.

Автор: Борис Георгиевски/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска