1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ најавува жешко лето за да го загрее членството

Горан Петрески1 јуни 2012

Опозициската партија почнува серија протести за да ги мобилизира членовите и симпатизерите. Аналитичарите сметаат дека почнува кампањата за локалните избори в година и оти протестите се всушност предизборни митинзи.

https://p.dw.com/p/156AM
Фотографија: MIA

Најголемата опозициска партија, СДСМ, во недела го стартува најавеното жешко лето со протест во Струмица. Протестниот караван ќе заврши во Скопје на втори септември. Намерата на опозицијата е да ги мобилизира граѓаните незадоволни од владеењето на актуелната власт, објаснува за Дојче Веле генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров.

“За нас е ова едно работно лето во кое од една страна на протестни митинзи ќе ги кажеме своите критики во однос на власта а од друга страна ќе им овозможиме на нашите кандидати за градоначалници да бидат достапни пред јавноста, многу познат модел во западните земји“, вели Андреј Петров.

Аналитичарите кои ги анкетираше Дојче Веле сметаат дека протестите се всушност предизборни митинзи на кои опозицијата сака пред се да го размрда сопственото членство. Со оглед на тоа што според сите анкети владеачката партија е во предност во однос на опозицијата, поголема или помала во зависност од тоа кој институт ја спроведува, СДСМ го менува начинот на дејствување.

Branko Crvenkovski Radmila Sekerinska Zoran Zaev Wahlkampagne Parlamenstwahlen SDSM,
Фотографија: MIA

Божиновски: Во лето луѓето сакаат одмор од политика

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски не е уверен дека партијата ќе има голема полза од протестите.

„Опозицијата се обидува да се мобилизира и примарно е да ги промовира своите кандидати за градоначалници за она што ќе следи во март идната година. Колку ќе биде тоа ефективно, мислам дека е малку лошо избран период бидејќи станува збор за лето кога граѓаните сакаат да се одморат од политика“.

Незадоволниот или неопределениот гласач очекува серијата протести да завршат со барање за предвремени избори како логичен епилог на акумалацијата на граѓанското незадоволство. Но СДСМ нема да побара предвремени парламентарни избори туку ќе се подготвува за локалните в година.

Мисев: Нема потреба од предвремени избори

Владимир Мисев од Институтот за демократија вели дека по ниту една основа нема потреба од предвремени парламентарни избори.

„Според мене нема никаква основа за повикување на предвремени парламентарни избори, нема сериозна економска или политичка криза, помина само една година од парламентарните избори. Истражувањата на јавното мислење, рејтинзите од сите агенции одат во корист на владеачката партија и во таа смисла СДСМ нема легитимитет да побара предвремени парламентарни избори СДСМ“, вели Мисев.

SDSM Gebäude in Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Дали опозиционерите стравуваат од ново парламентарно соочување со оглед на резултатите од анкетите, го праша Дојче Веле генералниот секретар на СДСМ.

„За нас опцијата предвремени избори е секогаш отворена но ние сме сконцентрирани на локалните избори, на средбите со граѓаните и сметаме дека тоа е она што и по закон е прво што следи. Анкетите паднаа во вода на изборите во 2011, според анкетите СДСМ требаше да има 220 илјади гласови, освои 370 илјади гласови, што значи дека анкетите како инструмент се покажаа како нерелевантни. Оние кои беа најблиску до реалноста сега покажуваат дека СДСМ е залепен до ВМРО ДПМНЕ“, вели Андреј Петров. Открива дека Зоран Заев ќе се кандидира за уште еден градоначалнички мандат на Струмица а неговата кандидатура ќе биде официјално промовирана задутре.