1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ најавува кривични пријави, ЗНМ поднесе претставка

Александар Методијев/макфакс/миа26 декември 2012

Вељановски жали за отстранувањето на новинарите од собраниската галерија, а ЗНМ поднесе претставка до МВР за откривање на наредбодавачот за празнење на галеријата. Од Собранието замина и партијата на Руфи Османи.

https://p.dw.com/p/179Bm
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска изрази жалење што новинарите беа отстранети од собраниската галерија пред почетокот на седницата на 24-ти декември, посочувајќи дека одлуката за тоа ја донело надлежното собраниско обезбедување, со цел да не дојде до поголем инцидент. Тој вети дека ќе побара да се поведе постапка од надлежните институции за да се утврди одговорноста за настанот.

„Тоа што особено сакам да го истакнам е фактот дека Собранието на Република Македонија како институција секогаш било максимално транспарентно, а јас лично, како претседател, секогаш сум се заземал и ќе се заземам за отворен и пред се’ професионален однос кон новинарите и медиумите. Имајќи во предвид дека беше најавено дека опозицијата нема да дозволи буџетот да се донесе и беа најавени протести и инциденти, врз основа на Законот на Собранието, член 43, побарав од собраниското обезбедување да обезбеди редовен тек на седницата. Сакам да потсетам дека потребните мерки ги планираат и преземаат припадниците на собраниското обезбедување“, објаснува Велјановски во пишана изјава до медиумите.

Mazedonien Journalistenverband
Новинарите поднесоа претставка во МВРФотографија: MAKFAX

Новинарите избркани поради поголем инцидент?

Во изјавата претседателот на Собранието додава: „Откако се случи првиот инцидент, кога и јас како претседател на Собрание бев нападнат, кога беше уништена и техниката, а обезбедувањето мораше да ме извлекува од пленарната сала, надлежното собраниско обезбедување имајќи во предвид дека галеријата е во суштина дел од пленарната сала донело оценка дека галеријата мора да биде празна за да не се случи некој поголем инцидент“.

Новинарите во Македонија, преку нивното здружение, денеска поднесоа претставка до внатрешната контрола на МВР, со која бараат да се открие лицето кое нареди да се користи сила против новинарите, кои беа насилно исфрелни од собраниската галерија.

„Денеска доставивме претставка до МВР со која бараме од МВР да го открие идентитетот на лицето кое нареди да се користи сила против новинарите во Македонија без никаков основ и секако инсистираме да се отвори постапка и да се санкционира. Исто така слична постапка бараме и за лицата припадници на обезбедувањето, коишто беа вмешани во користењето на насилство врз новинарите. Веруваме дека во МВР,најголем број од полицајците се професионалци и ќе го препознаат ова непрофесионално однесување на нивните колеги. Очекуваме да се дистанцираат од нив и да се санкционираат. Штета е направена, сега на потег се институциите да го спасат нивниот образ и образот на земјата пред светот“, изјави претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Во понеделник на собраниската седница за донесување на буџетот, новинарите беа насилно исфрлени од собраниската галерија, а потоа од собраниската сала беше исфрлена и опозицијата, која претходно ја запоседната собранската говорница. Мнозинството потоа го изгласа буџетот за 2013 година.

Ќе се применат ли истите механизми и за Законот за безбедносните сили?

Поради насилството во Собранието и таквиот начин на донесување на буџетот, преку кршење на правни процедури, партијата на Руфи Османи, НДП, реши да не учествува во натамошната работа на Парламентот. Според партијата на Османи, ваквите преседани водат кон политичка анархија.

Rufi Osmani - Bürgermeister von Gostivar
Руфи Османи - партијата го напушта ПарламентотФотографија: DW/S.Toevski

Правните процедури при усвојување на Буџетот за 2013 година, придружени со екстремна бруталност и конфликт меѓу двете поголеми македонски партии во Собранието, создадоа несогледливи последици за демократијата и правната држава, сметаат од НДП.

„Националната демократска преродба остро ги осудува антидемократските процеси кои тешко го делегитимираат Парламентот како највисока правна и демократска институција. Главната одговорност за овој тежок политички и правен скандал главно и’ припаѓа на актуелната влада, бидејќи токму таа и’ даде повод на опозицијата за блокада на Парламентот, преку сценариото за донесување на Законот за безбедносните сили", велат од партијата на Руфи Османи.

Од НДП ги прашуваат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ - дали ќе ги применат истите процедурални механизми на гласање и во случајот со Законот за припадниците на македонските безбедносни сили, како постапија со случајот на донесување на Буџетот за 2013 година? Од партијата сметаат дека за надминување на оваа комплицирана политичка ситуација е потребно создавање на сеопфатна политичка влада, како техничка влада, која ќе создаде фер услови и ќе организира предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори во март.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
СДСМ подготвува кривични пријавиФотографија: MAKFAX

Во меѓувреме се огласи и опозициската СДСМ. Од партијата најавија поднесување кривични пријави за сите државни функционери кои учествуваа во, како што велат, партиско-полицискиот пуч спроведен во Собранието. Ана Павловска - Данева, потпретседател на СДСМ, рече дека фактите зборуваат оти постојат основани сомневања дека Трајко Вељаноски, со преземање одредени дејствија го прекршил Уставот, Законот за Собранието и Деловникот на Собранието.