1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ остана на ставот за бојкот

ЕМФ/макфакс27 февруари 2013

Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз, на синоќешната (26.02) седница која траеше до раните утрински часови, одлучи да се опстои на одлуката за бојкот на изборите.

https://p.dw.com/p/17mOV
Фотографија: MAKFAX

Раководството на партијата било поделено во однос на тоа дали да се учествува или не на локалните избори на 24 март, јавува агенцијата Макфакс. Имало идеја да се оди на локалните избори, но да се бојкотира парламентот, која не била прифатена. Мнозинството одлучило СДСМ да остане на одлуката за активен бојкот.

Седницата на ЦО, која траеше до три часот по полноќ, се одржа откако владејачкото мнозинство во Собранието на Република Македонија изгласа измени во Изборниот законик за продолжување на рокот на кандидирање за локалните избори до 3 март.

Вчера и САД и ЕУ и ОБСЕ упатија уште еден апел до македонските политичари да постигнат компромис.

„Земјата во моментов се наоѓа на критична крстосница. Моменталната криза ги загрозува аспирациите на граѓаните за подобра иднина, како и политичката стабилност на земјата. Мора да се преземат чекори за оддалечување од јавните ултиматуми, фиксни позиции и краткорочни тактики, а кон приближување до директен дијалог и компромис од најдобар интерес за граѓаните и државата. Во овој контекст ги повикуваме политичките лидери да преземат одговорност и без одложување да најдат конечно решение за моменталната политичка криза", се вели во заедничката изјава од мисиите на ЕУ, ОБСЕ и САД.

И еврокомесарот за проширување Штефан Филе синоќа преку социјалната мрежа Твитер испрати порака до македонските политичари: „Време е за компромис. Време е да се стават вашите граѓани на прво место“.