1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ со предлог план за избори

24 март 2011

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски денеска објави предлог план за одржување предвремени парламентарни избори во Македонија, според кој изборите би се одржале на 26 јуни.

https://p.dw.com/p/RCJe
Бранко ЦрвенковскиФотографија: MIA

Според предлог планот, во врска со изборниот законик СДСМ останува на барањето во избирачките одбори да има четворица партиски членови, а го повлекува барањето за загарантирани места за пратениците од помалите етнички заедници. Црвенковски посочи дека и политичките партии се согласиле да се изврши ревидирање на постоечките изборни единици, во рамки на отстапувањето од плус/минус пет проценти, согласно постоечкиот изборен законик. На тој начин, според Црвенковски, се постигнува консензуално донесување на нов изборен закон.

За прочистувањето на избирачкиот список Црвенковски бара Комисијата да има рок од 30 дена и тој да започнува од денот кога опозицијата ќе се врати во Собранието. За законот за распределба на буџетските средства во медиумите, СДСМ предлага две алтернативи – да се оствари преку критериум на еднаквост на медиумите по статус или преку критериум на нивна гледаност и тираж. Изборот за една од двете алтернативи, Црвенковски го остави на владејачките партии.

Околу деблокирањето на сметките на медиумите од Перо Наков бб, Црвенковски посочи дека иако СДСМ е уверена во политичката мотивираност на судската одлука, ќе ја почитуваат одлуката на Кривичниот суд, но побара гаранција од владејачките партии дека нема да донесуваат нови и дополнителни барања и одлуки од страна на несудските органи до завршувањето на предвремените избори. „Со ова паѓа во вода аргументот на Груевски дека не може и не сака да се меша во одлуките на судството. Освен ако преку ноќ Горан Трајковски не го избрале за судија. Господине Груевски покажете дека сте за компромис и за избори со учество на опозицијата“, истакна Црвенковски.

Доколку владејачките партии не го прифатат овој предлог план, според Црвенковски, тоа ќе значи дека тие сакаат да ја турнат опозицијата во вода и да одат на избори без опозиција.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема