1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ утврди 4 кандидатури и нова неизвесност

Катерина Блажевска17 мај 2013

Тројца од четирите кандидати се подготвени да ги усогласат концептите, со цел да се намали бројот на кандидати за претседател на СДСМ, велат од партијата

https://p.dw.com/p/18Zge
Фотографија: Petr Stojanovski

До почетокот на следната седмица би можело да се знае дали СДСМ на Конгресот ќе има еден кандидат околу кој со поддршка ќе се обединат другите или во трката ќе останат најмалку два или најмногу четири кандидати. Ова е епилогот од синоќешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, кој во функција на Кандидатска комисија утврдил четири кандидатури.

„Извршниот одбор на СДСМ констатираше дека до Кандидатската комисија се доставени четири уредни кандидатури за нов лидер на СДСМ - на Зоран Заев, Зоран Јовановски, Игор Ивановски и на Кире Наумов", изјавија од СДСМ.

Но, во расправата по таа точка, произлегло дека Заев, Јовановски и Ивановски во своите програми имаат доставено приближно компатибилни концепти, па партијата ја навести и насоката во која тие ќе дејствуваат во наредните денови: „Овие кандидати изразија подготвеност заради поуспешен конгрес, да вложат значителен ангажман во наредните неколку денови, за да се направи приближување и усогласување на концептите, а преку таквиот позитивен пристап, што е можно повеќе да се намали бројот на кандидати за претседател на СДСМ".

Обединување за единство

Што значи ова? Според извори во СДСМ, тоа е обид на дело да се покаже единство во партијата.

Politik Skopje, Mazedonien
Зоран ЗаевФотографија: Petr Stojanovski

„Разговорите меѓу тројцата кандидати - Заев, Јовановски и Ивановски, почнаа уште вчера и ќе продолжат во наредните два-три дена. Во нив треба да биде вклучен и Наумов. Би било добро ако се обединат околу еден кандидат на кој другите би му дале поддршка. Ако не се договорат во наредните два-три дена, а има шанса за тоа, разговорите може да продолжат најмногу за 5-6 дена, бидејќи ако на крајот сепак решат сите да останат во трката, до 2 јуни ќе немаат време индивидуално да ги претстават своите концепти пред општинските организации. Дали ќе се обединат околу еден кандидат или во трката ќе останат два или четири канидати, тоа ќе зависи од нив", велат извори во СДСМ.

Кире Наумов некогашен советник на Црвенковски, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање и единствен кој не е дел од партиските структури, не ја коментира одлуката на кандидатската комисија пред официјално да биде известен за неа.

„Би се воздржал од било каков коментар пред денешната средба со Генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров. Единствено што може да се заклучи од брифингот даден за некои медиуми, е дека програмата што ја понудив е поразлична од онаа на другите кандидати. Се надевам дека натамошната постапка ќе продолжи во согласност со роковите утврдени во одлуката на Централниот Одбор на СДСМ од 25. 04. 2013 година. Во тој правец ќе ги повикам другите кандидати на заедничка неформална средба, на која би си подале рака за фер кампања до изборот на нов претседател на СДСМ", вели Наумов.

Конфузија во базата

Извори во партијата кои не се дел од раководните структури, велат дека на членството не му е јасна одлуката на Кадидатската комисија.

Mazedonien Wahlveranstaltung Opposition SDSM
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Не базата не и е јасно дали се верификувани тројца или четворица кандидати. Едни прашуваат што случи со кандидатурата на Црвенковски од општинските организации, други коментираат дека се подготвува 'манџуриски кандидат', трети даваат бланко поддршка на одлуката на Извршниот одбор иако и ним не им е целосно јасна".

Црвенковски, согласно со најавата дадена на седницата на Централниот одбор на СДСМ, дека нема да се кандидира за нов лидерски мандат, не се потпишал на кандидатурата што со 15.000 потписи ја поднесоа општинските организации. Но, во сегашната насока за можно обединување околу еден кандидат, многумина во партијата препознааваат негово поранешно ветување дадено во висок партиски круг, дека кога ќе се повлече од функцијата ќе стори се во интерес на единството сите да се обединат околу една личност за нов лидер на СДСМ.

Бранко Црвенковски раководи со партијата од 1991 година. Единствено од 2004 до 2009 година, кога беше претседател на државата, СДСМ го предводеа Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и кратко Зоран Заев, како в.д. претседател, кој од политичките опоненти беше наречен „чувар на лидерската фотелја до враќањето на Црвенковски".

На 2 јуни, на Конгресот на кој ќе се избира нов претседател на СДСМ ќе одлучуваат 705 делегати.