1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ ја напушти дебатата за законот за медиуми

АТ/ миа23 август 2013

Пратениците на СДСМ ја напуштија денешната седница на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија на која почна амандманската расправа по Предлог законот за медиуми.

https://p.dw.com/p/19VLr
Фотографија: Petr Stojanovski

Како што образложи Јани Макрадули, СДСМ не сака да учествува во носењето закон со кој, рече, се легализира цензурата.

„Овој закон не треба да се донесе зашто со него се легализираат цензурата и корупцијата на медиумите, се отвора простор за поднесување кривични пријави против новинарите и порталите. Неговата цел е да ги замолчи критичните, да ги уплаши неодлучните и да ги затвори храбрите“ , истакна Макрадули.

Во текот на расправата, Макрадули напомена дека со сите 23 амандмани поднесени по предлог текстот, неговата партија бара само едно, повлекување на законот и бришење на сите членови.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ ја квалификува ваквата реакција на опозициската партија како желба Македонија да не добие позитивен извештај од Европската комисија.

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Фотографија: Petar Stojanovski

„Секогаш кога се води конструктивен дијалог, кога се разгледуваат забелешките и се прифаќаат амандманите поднесени од опозицијата, СДСМ бара причини да ја оцрни државата пред ЕУ и Брисел со единствена цел, Македонија да не добие позитивен извештај“, рече Бонева.

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски, потенцирајќи дека понуденото решение ги дефинира и регулира правата на новинарите, ги заштитува од уредниците и сопствениците на медиумите. Ваков закон, додаде, имаат и Словенија и Хрватска, со слични ингеренции врз печатените и елетронските медиуми .

„Има барање од новинарите законот да се донесе побрзо за да се стави ред во медиумите. Исто така, експертите кои беа на јавната расправа рекоа дека законот е потребен и треба да се донесе, но на Македонија е да одлучи кога, дали веднаш или по влегувањето во Унијата“, рече Ивановски, повторувајќи дека законот има позитивно мислење и од ОБСЕ и од Советот на Европа токму зашто ги штити новинарите.

По Предлог законот за медиуми беа поднесени вкупно 34 амандмани, 23 од СДСМ, 10 од ВМРО-ДПМНЕ и еден од пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија, додека по Предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги околу кој се дебатираше три дена, беа предложени 94 амандмани, а се прифатија 33.

Се очекува идната недела двата закона да бидат ставени на 26. пленарна седница на собранието на Македонија.