1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘албански буквар и за Албанчињата во Македонија?

Свето Тоевски22 ноември 2012

Во Македонија деновиве се случуваат превирања и во врска со најновиот албански буквар, кој е отпечатен надвор од нејзините граници, со цел да се употребува насекаде каде што живеат Албанци.

https://p.dw.com/p/16nsR
Фотографија: DW/Fatos Musliu

Ова е учебник, означен како „национален проект“ со поддршка на владите во Приштина и Тирана, а промовиран и на 17 – ти мај оваа година во Призрен, во Косово на највисоко меѓудржавно ниво: во присуство на премиерот на Албанија Сали Бериша, претседателката на Косово Атифете Јахјага и премиерот Хашим  Тачи. Денеска (22.11.2012 година), кога се одбележува 104 – годишнината од усвојувањето на новата, унифицирана албанска азбука со 36 букви, првоодделенците од овој етникум во Македонија се‘ уште не го користат новиот буквар, иако некои организации, означени како „хуманитарни“, се подготвени бесплатно да внесат и да дистрибуираат во земјата повеќе илјади примероци од тој учебник.

Нухи Дардишта, претседател на Сојузот на наставниците – Албанци во Македонија, појаснува кој е првичниот одговор на Министерството за образование: „Уште на 4 – ти јули годинава Сојузот на наставници – Албанци достави барање да се дозволи употреба на букварот. Беше одржан состанок со министерот за образование и неговиот заменик. Кралев даде ’зелено светло’, дека тој е многу добар, но и оти треба да помине преку Бирото за развој на образованието, за да се анализира програмата. Меѓутоа, пред некој ден преку пошта ни е испратен негативен одговор“.

Илија Ацески, експерт за социологија од Државниот универзитет во Скопје,  смета дека овој буквар ја поставува Македонија пред „предизвикувачки проблем“: „Дали таа и натаму ќе прифаќа, дали ќе се помири со тоа дека една етничка заедница, еден народ, кој што живее во неа, ќе продолжи да го нагласува, да го продлабочува етничкиот јаз во неа? Да ја одвојува, да ја спецификува сопствената припадност како нешто различно, како нешто што припаѓа кон друга држава? Ова сега длабоко навлегува во политичката сфера, со дилемата: што натаму? Дали Албанците и натаму ќе го потенцираат и ќе го поврзуваат по секоја цена идентитетот што го имаат во Македонија со идентитетот во Албанија и во Косово?“

„Потребно е заедничко јадро во букварите за децата од сите етникуми“

Не е никаков грев користењето ваков заеднички албански буквар и во Македонија“ – вели Хавзи Мустафа, експерт за албанологија од Државниот универзитет во Скопје: „Заедничкиот буквар не е политичка желба на некои фактори. Околу него не постои некоја политичка заднина. Во него нема ништо што може да предизвикува меѓуетнички раздор“.

Mazedonien Tafel
Фотографија: DW/Fatos Musliu

Дардишта се надоврзува: „Министерот ветува дека ќе се преведуваат учебници од Англија, а како не може да се употребува овој се‘албански буквар во земјата? Кога сите букви се исти за Албанците во Македонија и во целиот свет? Во Албанија се употребуваат многу учебници  од Македонија без никаков проблем“.

Буквар со заедничко јадро

Ацески е категоричен: „Букварот од кој учат децата во Македонија, без разлика дали се тие Албанци, Македонци, Власи, или Роми, мора да има една суштина, јадро, кое е заедничко за сите. Можат да постојат некои специфичности, но тие мора да бидат посветени и поврзани со оваа држава, со овие култури, со овие етникуми.“

Мехмети истакнува што е потребно да се вгради во заедничкиот албански буквар: „Освен автори од Албанија и Косово, во тој буквар, секако, треба да се вклучи и автор од Македонија. Каде што има во букварот знаме од Албанија и Косово може да се додаде и знамето на Македонија“.

Социологот Ацески вака ја коментира концепцијата на првиот учебник во животот на Албанчињата – првоодделенци и од Македонија: „Таа сака да покаже дека и најмладите во оваа држава, кои се различни од Македонците, треба да се образуваат од најраните години за нешто, кое е се‘ помалку поврзано со Македонија. Тоа значи подготовка за бришење на границите меѓу Албанија и западниот дел на Македонија, овој простор сам по себе да се слее во една целина, како и за формирање една регионална нација, кога ќе дојде денот да се интегрираме во Европската унија“.

Мехмети, кој е и претседател на Унијата на албанската интелигенција во оваа држава, реплицира: „Тоа не е точно. Се стремиме да одиме кон Европа, но таа ќе не‘ прими само тогаш кога ќе бидеме регионално здружени. Во Европа ние мора да одиме како регион во заедништво.“

Остануваат отворени прашањата: по завршувањето на сите законски процедури дали заедничкиот албански буквар и конечно ќе биде одбиен од Бирото за развој на образованието и од Националната комисија за учебници? Дали во таков случај учителите – Албанци, сепак, можеби ќе се решат да го внесат во наставата, иако државата нема да го одобри? Министерството за образование преку својот портпарол Горан Галевски соопшти за ДВ дека „ќе биде незаконски каков било обид да се започне со употреба на заедничкиот албански буквар, без официјална дозвола за тоа“.