1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Себастијан Фетел - шампионот од провинција

Јенс Крепала/ Б. Георгиевски28 октомври 2013

Млад и талентиран, така обично го опишуваат Себастијан Фетел. Сега на тоа може да се додаде и... супериорен. Со победата во Индија, Фетел предвреме ја обезбеди четвртата едноподруго титула.

https://p.dw.com/p/1A7AZ
Фотографија: Getty Images

Многумина Фетел го споредуваат со легендарниот трикратен шампион Ники Лауда, особено откако во кината почна да се прикажува филмот „Rush“, посветен на животот на Лауда. Амбициозен и опседнат со најситните детали. Но, за разлика од својот претходник, Фетел е пријатен и симпатичен млад човек.

Освен тоа, веќе сега, со 26 години, Фетел го надмина Лауда. Со победата на Големата награда на Индија, возачот од германската провинција стана најмладиот возач во историјата на Формула 1 кој успеал четирипати едноподруго да го освои шампионатот.

Според широко распространетото мислење, најзаслужна за големите успеси на Фетел е неговата одлична соработка со тимот на Ред Бул.

„Тоа се група извонредни техничари кои на Фетел му ја исполнуваат секоја, па и најмалата желба и тоа создава симбиоза меѓу болидот и возачот“, вели поранешниот возач во Ф1, Кристијан Данер. Во тоа е и најголемата разлика меѓу тимот на Ред Бул и остатокот на Ф1.

Flash-Galerie Formel 1 Legenden Niki Lauda
Ники ЛаудаФотографија: picture alliance/dpa

„Сите момчиња возат слично: Фетел, Хамилтон, Розберг, Алонзо. Меѓутоа, само Фетел има болид кој му одговара 100 проценти“, вели Данер.

Побрз од идолот

Дека „мирното и пристојно момче“ од провинцијата умее да биде и поинаков, покажа реакцијата на коментарите кои се појавија кога стана извесно дека Фетел и по четврти пат ќе ја освои титулата, и во кои се тврдеше дека сето тоа е плод на супериорноста на болидот на Ред Бул.

„Разликата е во деталите. Додека другите веќе се дома и уживаат, ние сме се уште во гаражата и работиме за да го подобриме и последниот детал“, им одговори Фетел на критичарите.

Петер Мајк, некогашен возач во Формула 1, вели дека фазата низ која минува Фетел е и тоа како потребна за развој на секој млад возач.

Sebastian Vettel Kart 1999 mit Michael Schuhmacher
Фетел и Шумахер во 1999. година.Фотографија: picture-alliance/Heinrich Franzen

„Дека човек не треба да биде секогаш љубезен и пристоен, тоа е школата низ која тој сега минува“, вели Мајк.

За разлика од некои свои колеги, Фетел својот приватен живот го држи далеку од очите на јавноста и времето најчесто го минува повлечен во преуредената поранешна воденица во швајцарскиот Елигзхаузен, каде живее со љубовта од училишните денови - Хана Пратер. Неговите почетоци можат да се споредат со почетоците на неговиот славен земјак, Михаел Шумахер, кој исто така од мали нозе возел картинг во локалниот клуб.

За својата иднина, Фетел не се грижи многу. Советникот на Ред Бул, Хелмут Марко, верува дека Фетел ќе стане уште побрз.

„Тој има само 26 години. Секога година ќе биде позрел и побрз“,вели Марко, кој смета дека на Фетел му преостанува само уште една цел: да го мине Шумахер по бројот на титулите. „Мислам дека тоа ќе му појде од рака“, заклучува Марко.