1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореа ги очекувала економските санкции

16 октомври 2006

Советот за безбедност едногласно ги усвои санкциите кои предвидуваат ограничување на економските односи и патувања, со што стана јасно дека Северна Кореа за својот атомски тест плаќа висока цена. Меѓутоа добрите познавачи на состојбите во оваа земја сметаат дека раководството на чело со Ким Јонг Ил веќе ја имало пресметано оваа цена

https://p.dw.com/p/AdwS
Фотографија: AP

Уште на прв поглед списокот со казнени мерки е многу впечатлив: На Северна Кореа и се забранува трговија со одредени производи, исто како и увоз на сите луксузни стоки. Воздушниот простор на Северна Кореа ќе се набљудува, запира извозот во Јапонија, а исто така и поморскиот сообраќај. Со тоа очигледно раководството во Пјонгјанг плаќа висока цена за својот атомски тест. Се губат важни извори на финансии, а дипломатите и функционерите нема да можат слободно да се движат. Тежок е поразот и на политички план. За санкциите гласаа дури и Кина и Русија, а сестринската Јужна Кореа ја запре испораката на помош. Повеќето набљудувачи проценуваат дека санкциите предизвикуваат лутина и тежина кај раководството на претседателот Ким Јонг Ил, иако таквите реакции веќе биле пресметани. Јапонскиот експерт Јасухико Јошида од универзитетот во Осака вели:

“ Раководството околу Ким Јонг Ил од самиот почеток очекуваше дека нема да има употреба на сила како реакција на атомскиот тест. Со економските санкции режимот нема никакви проблеми, тој ќе може да ги издржи. Врз таа основа Пјонгјанг се одлучи за изведување атомски тест“

Меѓународната заедница имаше опција за воведување поостри санкции, со кои најмногу би било погодено населението и тоа со цел да се побуни против режимот. Меѓутоа експертите тоа го сметаат за нереална надеж бидејќи народот веќе педесет години живее под постојана пропаганда дека претстои војна со Соединетите Американски Држави. Без разлика на закључоците во Њујорк, се чини дека најделотворни санкции против севернокорејската елита веќе стапија на сила. Имено, пред една година американската финансиска контрола нареди затворање на 40 севернокорејски сметки во една банка во кинески Макао, со што беа заммрзнати 24 милиони долари. По овој потег повеќе банки во 20 земји ги запреа финансиските трансакции со Северна Кореа. Со тоа би требало да се спречи трговијата и сите бизниси кои најверојатно лежат во рацете на генерали, партиски моќници и претседателот Ким. Познавачот на случувањата во Северна Кореа Јошида вели:

“ Бизнисмените во Пјонгјанг, но и јапонците од кореанско потекло се жалеа дека веќе не можат да вршат никакви работи во странство, бидејќи сите банки се наоѓаат под американски притисок да ги замрзнат севернокорејските сметки“

Од крајот на минатата година раководството во Пјонгјанг бараше да завршат овие финансиски акции, како и директни преговори со САД. За да се постигнат таквите важни цели, диктаторот Ким Јонг Ил се служи со закани и провокации. Тоа што еден севернокорејски преставник не исклучи нови преговори со Русија, исто така спаѓаат во таа тактика