1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја веќе може да испали нуклеарни ракети?

Мартин Ганслмајер / Елизабета Милошевска Фиданоска12 април 2013

Извештај на тајните служби во САД предизвика немир. Според него, Северна Кореја веќе сега е во состојба да ги полни своите ракети со нуклеарен експлозив. Претседателот Обама првпат со изјава упатена до Пјонгјанг.

https://p.dw.com/p/18Ee3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американскиот претседател досега свесно не се јавуваше за збор, за да не и‘ дава на Северна Кореја дополнително на значење. Но, по најновите информации кои во САД предизвикаа немир, претседателот упати јасно предупредување на адреса на Пјонгјанг. Северна Кореја мора да прекине со воената реторика и да се држи до правилата на меѓународната заедница: „Време е да се спушти температурата“, опомена Обама, додавајќи: „Никој не сака војна на Корејскиот Полуостров.“

Обама изјавата ја даде по разговорите со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Белата куќа. Двајцата политичари се единствени во ставот за, ако е како било можно, дипломатско решение на конфликтот. Сепак, ако е неопходно, рече Обама, земјата ќе се брани и воено: „САД ќе ги преземат сите неопходни чекори за заштита на населението и за исполнување на обврските кон нашите сојузници во регионот.“

Новите проценки на воената тајна служба дека Северна Кроеја можеби веќе сега е во состојба да испали ракети со атомско полнење, беа обелоденети повеќе случајно. За време на едно сослушување во комисијата за воените сили во Претставничкиот дом, републиканецот Даг Лемборн цитираше делови од интерен документ на тајната служба на Пентагон. Тој прочита дека и покрај тоа што ракетите на Северна Кореја се се‘ уште несигурни, таа земја веројатно веќе сега е во состојба да го компримира атомскиот експлозив така, за со него да може да се полнат ракети носачи: „Воената тајна служба е во одредена мера сигурна дека Северна Кореја е во состојба тоа да го направи“, прочита Лемборн.

Barack Obama mit Ban Ki-moon
Бан Ки Мун и Барак Обама се сретнаа во Белата куќаФотографија: Reuters

Извештајот по грешка стигнал во рацете на пратениците

Шефот на тајната служба Џејмс Клапер и шефот на генералштабот Мартин Демпси беа вџашени поради фактот дека на сослушувањето се конфронтирани со ваква проценка. Тие одбија да се изјаснат. Подоцна беше соопштено дека извештајот на тајната служба по грешка е означен со „слободно за користење“ и така се нашол во рацете на пратениците. Пентагон побрза да ја релативизира вознемирувачката вест и соопшти дека би било погрешно да се мисли дека Северна Кореја веќе докажала оти сосема го завршила развојот и тестирањето на атомски ракети. Јасен демант, сепак, звучи поинаку. Така во американските медиуми се зацврстува впечатокот дека Северна Кореја на патот кон создавање атомски ракети е подалеку отколку што се мислеше.

Во меѓувреме продолжуваат напорите за наоѓање дипломатско решение. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун по средбата со Обама рече дека е подготвен, кога за тоа ќе биде момент, да отпатува во Северна Кореја. Сепак, американската влада се надева прво на резултати од посетата на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери на регионот. Тој денеска (12.04) води разговори во Јужна Кореја, а потоа заминува за Кина.