1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја доби нов вице-маршал на армијата

СН/БГ/дпа/ртр/миа17 јули 2012

Хјон Јонг Чол е назначен за нов вице-маршал на Корејската народна армија. Аналитичарите сметаат дека Чол ќе го наследи вчера разрешениот Ри Јонг Хо на функцијата шеф на Генералштабот на армијата.

https://p.dw.com/p/15YlJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Само еден ден по изненадувачкото разрешување од сите функции на првиот човек на  војската на Северна Кореја Ри Јонг Хо, назначен е нов вице- маршал на армијата. Националниот комитет за одбрана и Централната воена комисија на владејачката Комунистичка партија го назначија малку познатиот генерал Хјон Јонг Чол за нов вице- маршал, јавија државните севернокорејски медиуми.  Чол е веќе четврта личност која е назначена за вице-маршал откако на власт во земјата е Ким Јонг Ун. Во соседна Јужна Кореја експертите сметаат дека Хјон Јонг Чол би можел да го наследи Ри Јонг Хо како началник на севернокорејската армија.  Набљудувачите претпоставуваат дека Ким Јонг Ил прави реформа на апаратот на моќ во земјата.

Севернокорејските медиуми вчера соопштија дека одлуката за разрешување на Хо од функциите била донесена на конгресот на Работничката партија, поради болест на водачот на војската. Ри Јонг Хо се сметаше за близок советник на новиот претседател на државата Ким Јонг Ун и пред се’ на неговиот починат татко Ким Јонг Ил.

Јужнокорејски аналитичари не веруваат во објаснувањето дека Ри Јонг Хо бил разрешен од неколку влијателни функции од здравствени причини. Според нив, тој не изгледал болен, а и во Северна Кореја кога некој е болен, честа практика е неговите заменици да ги преземат неговите задачи, а тој да остане на функцијата.

Аналитичарите забележуваат дека на партиската конференција во септември 2010-та година Ли Јон-хо бил номиниран на важни функции, но во април годинава, кога имало повторна можност, тој не бил унапреден.