1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја испраќа позитивни сигнали до САД

ЖА/дв/афп/дпа/ртре16 јуни 2013

Директни и разговори на што е можно повисоко ниво со САД е и останува најголемата цел на Пјонгјанг. Комунистичкото раководство на земјата сега стартува нова иницијатива во таа насока.

https://p.dw.com/p/18qid
Фотографија: KNS/AFP/Getty Images

Раководството на Северна Кореја, на чело со шефот на државата Ким Јонг Ун, им предложи на САД преговори на високо ниво, што ќе бидат фокусирани на спорната атомска програма, соопшти севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.

Северна Кореја им предложи на САД да го определат датумот и местото за мировни преговори, но да не поставуваат предуслови, се наведува во соопштението на Државниот комитет за одбрана, предводен од севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

„Предлагаме преговори на високо ниво меѓу Северна Кореја и САД, за да се гарантира мирот и да се намали напрегнатоста на Корејскиот полуостров. Пјонгјанг сака сериозни дискусии за широк круг прашања, вклучувајќи го и стремежот на САД за свет без нуклеарно оружје“, се посочува во соопштението.

Иницијативата стигнува само неколку дена по откажувањето на планираните разговори за приближување меѓу Северна и Јужна Кореја, кои требаше за главна тема да имаат економски проекти и хуманитарни прашања. Пјонгјанг имаше забелешки на назначувањето на заменикот министер за обединување Ким Нам Шик за предводник на јужнокорејската преговарачка делегација и бараше Сеул да испрати министер, што Јужна Кореја го одби. Тоа инаку би биле првите разговори на владино ниво од 2007 година наваму.

Претходно годинава Северна Кореја се закани со нуклеарни и ракетни напади врз Јужна Кореја и САД, откако ОН и‘ наметнаа нови санкции на земјата заради нуклеарната проба, извршена во февруари. По овие закани, Пјонгјанг минатите недели започна да испраќа помирувачки сигнали.