1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја планира отворање за странски инвестиции

СН/ЕМФ/дпа/афп/ртр5 јануари 2013

Германски стручњаци за економија и за стопанско право го советуваат раководството на Северна Кореја за моделитетите за отворање на домашната економија за странски инвестиции. Процесот треба да започне уште годинава.

https://p.dw.com/p/17EV1
Фотографија: Getty Images

Официјален Пјонгјанг планира да ги отвори границите за инвестиции од странство. Раководството на комунистичката земја за таа цел е советувано од страна на германски правници и економски експерти , пишува весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.

Nordkorea Textil Fabrik Industrie Näherinnen Schneiderinnen Frau
Текстилни работнички во Северна КорејаФотографија: Getty Images

„Постои мастер план за отворање на Северна Кореја за странски инвестиции“, цитира весникот експерт по стопанско право од Германија кој е инволвиран во советувањата. Северна Кореја, според него, има намера да започне со „отворањето уште во оваа година“. Изолираната земја покажува интерес пред се’ за модерно законодавство за регулирање на странските инвестиции, пишува во извештајот на „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.

Виетнамскиот модел како пример

За отворањето на домашното стопанство за инвестиции, меѓутоа, очигледно нема да биде примарно копиран кинескиот модел со специјални економски зони за странските инвеститори. „Тие повеќе се заинтересирани за виетнамскиот модел со т.н ‘сина пауза‘ , во кој целно се избираат претпријатијата за инвестиции“, вели експертот по стопанско право, кој е дел од германскиот тим советници.

Инаку во изненадувачкиот новогодишен говор, лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун, порача дека сака неговата земја да стане „економски џин“.

Година на „радикални промени“?

2013-та година ќе донесе „радикална промена“ во изградбата на стопанството. Северна Кореја треба во иднина да му се посвети на економскиот развој со иста упорност со која научниците успеаја при последниот ракетен тест, побара Ким. Сите економски мерки оваа година треба да бидат во служба на радикален развој и производство, како и подобрување на животните услови. Важна задача, според Ким Јонг Ун, во оваа година ќе биде подигнувањето на животниот стандард. Тој се заложи и за „револуција во науката и технологијата“. Народот на земјата е осиромашен и често зависен од донациите на храна од странство. Стопанството во Северна Кореја поради меѓународните санкции воведени како последица на нејзината атомска програма, се наоѓа на дното.

Nordkorea Neujahrsansprache von Kim Jong Un
Сцена од новогодишното обраќање на лидерот Ким Јонг УнФотографија: dapd

Ова беше прв новогодишен говор на еден севернокорејски властодржец по цели 19 години, откако дедото на Ким Јонг Ун, Ким Ил Сунг во 1994 година, годината кога почина, им се обрати на граѓаните. Ким Јонг Ун по смртта на својот татко и претходник, Ким Јонг Ил, во декември 2011 година стана нов шеф на комунистичката држава.