1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја - политичка непресметливост и економска авантура

Кристоф Рикинг / Симе Недевски9 март 2013

Во актуелната политичка криза околу Северна Кореја звучи депласирана констатацијата дека земјата планира да се отвори за инвеститори од странство. Тие и досега не покажаа преголем интерес. Но храбри исклучоци постојат.

https://p.dw.com/p/17tqq
Фотографија: picture alliance / dpa

Со својата интернет продажба на градежни елементи Фолкер Елесер на прв поглед личи на класичен претприемач. Но кога ќе се спомене и неговата програмерска фирма „Носотек“ во Северна Кореја, тогаш овој бизнисмен од Долна Саксонија добива егзотична аура.

Поради суровините и цртаните филмови

Неговата фирма со мешани сопственици во Пјонгјанг програмира компјутерски игри и интернет-апликации. Елесер е задоволен од резултатот на своите 30-тина севернокорејски работници. Добро се образовани и дисциплинирани. Сепак, изолацијата на земјата во која живеат го чини своето. Севернокорејските програмери би требало да развиваат концепти и производи за пазар кој им е потполно непознат.
„Она што ќе го заштедам поради ниските плати, го трошам за отежнатата комуникација“, кажува Елесер. Тој истовремено укажува на тоа дека Северна Кореја не е за претприемачи кои сакаат набрзина да заработат пари, туку станува збор за „инвестиција за иднината“. Засега во земјата, во која со децении владее диктаторската династија Ким, бројни се единствено инвеститорите од соседна Кина кои ги привлекле богатите наоѓалишта на суровини, како што се железната руда или јагленот. Но, Северна Кореја може да се пофали и со својата информатика и анимирани филмови!

Страв за имиџот

Но засега тие предности не успеале да ги уверат германските претприемачи. Фирмата „Претл Груп“, по 2 години се откажа од изградбата на фабрика во слободната трговска зона Каесонг. Бизнисменот Гари Вебер ја напушти Северна Кореја по 3 години, без објаснување. Минатата година стоковата размена меѓу Германија и Северна Кореја изнесуваше само 33 милиони евра. Германија повеќе соработуваше и со земјите како Руанда. Една од главните причини поради која германските предприемачи и понатаму во широк лак ја заобиколуваат Северна Кореја е непредвидливиот режим во Пјонгјанг, но и воопшто - поради општата состојба во таа земја.
Многу претприемачи стравуваат од недоволно развиената инфраструктура и пред се‘ од сопирањето на снабдување со енергија. Следниот проблем е и стравот за имиџот на компанијата. Впрочем, постои оправдан страв оти клиентите на Запад со сомнеж гледале на фирмите кои соработуваат со една од најлошите диктатури во светот во која човековите права не значат многу.

Kim Jong-Un
Ким Јонг УнФотографија: Reuters
Nordkorea Rason Hafen
Фотографија: dapd

Награда за пионерите

„Секој кој ќе се впушти во соработка со Северна Кореја мора да биде свесен за фактот дека се работи за многу ризичен потег“, кажува претприемачот Елесер. Секој нов тест на атомско оружје на режимот во Пјонгјанг, со себе би можел да повлече заострени санкции кои дополнително би ја отежнале соработката со западните инвеститори. Веќе сега соработката, поради големиот број ограничувања при увозот, е еднаква на одење по жица. Претприемачките „пионери“ од Запад сепак ги привлекува предизвикот да бидат први на можеби последниот неистражен економски регион во светот. Иако во актуелната политичка криза тоа изгледа подалечно, сепак ветувањата на новиот владетел Ким Јонг Ун и натаму важат : Северна Кореја порано или подоцна економски ќе се отвори кон светот. А тогаш оние најупорните од тоа би можеле многу да профитираат.