1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја потврди подземен атомски тест

ЖА/дв/дпа/афп/ард12 февруари 2013

Северна Кореја спровела нов атомски тест и покрај сите меѓународни предупредувања. Државната агенција КЦНА јави за силна експлозија. Претходно експертите регистрираа потреси.

https://p.dw.com/p/17cZJ
Фотографија: Ed Jones/AFP/Getty Images

Атомскиот спор со Северна Кореја влегува во нова рунда: комунистичката земја потврди дека спровела уште еден атомски тест, трет, подземен и успешен, како што тврди самата. Активирањето на експлозивот со голема јачина се случило во „безбедна околина“ и „на перфектен начин и вид“, јавуваат државните медиуми. Агенцијата КЦНА тестот го означи како „дел од мерките за заштита на нашата национална безбедност и суверенитет“. Северна Кореја со тоа се приближува кон целта за создавање нуклеарно оружје, кое може да биде монтирано на ракета. Тестот го потврди и јужнокорејската влада во Сеул.

Закана во јануари

Претходно, сеизмолозите од Јужна Кореја, Кина и САД регистрираа земјотреси во Северна Кореја. „Вештачките земјотреси“ биле лоцирани во областа на севернокорејскиот тест-регион Панги Ри. Земјотресот не бил „природен“, соопшти јапанската сеизмолошка служба. Потреси можат да предизвикаат подземни атомски тестови, но тие се разликуваат од природните земјотреси. Американските геолози регистрирале земјотрес од 4,9 степени во близина на атомска постројка, а епицентарот се наоѓал само еден километар под земјината површина. Експлозијата веројатно имала сила меѓу шест и седум килотони ТНТ, соопшти портпарол на министерството за одбрана во Сеул. За споредба, бомбата која во 1945 година беше фрлена врз Хирошима, имаше сила од 13 до 16 килотони.

Atomtests in Nordkorea
Јапонските метеоролози регистрираа „вештачки земјотрес“Фотографија: Reuters

Пјонгјанг во јануари се закани со атомски тест и натамошни ракетни проби, во знак на протест поради проширувањето на санкциите на САД. Советот за безбедност на ОН донесе одлука за воведување проширени санкции во одговор на севернокорејскиот ракетен тест тест во декември.

Додека Пјонгјанг тврдеше дека станува збор за лансирање сателит во мирнодопски цели, САД, Јужна Кореја и други држави во тоа гледаа оружена проба во рамките на севернокорејската атомска програма. Северна Кореја уште во 2006 и во 2009 година изврши атомски тестови, што повлече санкции од страна на ОН. На земјата со резолуција на ОН и‘ е забрането развивање на атомска и ракетна техника.

Итна седница на Советот за безбедност на ОН

Непосредно пред сегашниот најнов тест на атомско оружје, Политбирото на владејачката комунистичка Работничка партија, според извештаите на државните медиуми, повикало на преземање „неограничена акција со силен интензитет заради заштита на безбедноста и суверенитетот на земјата“. Партиското раководство инсистирало на надградба на способноста за самоодбрана на државата.

Како што се дознава од дипломатски кругови, уште денеска (12.02) Советот за безбедност на ОН ќе се зафати со најновиот инцидент. Најважното тело на ОН би требало да одржи итна вонредна седница во Њујорк.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, како и САД и Русија, го осудија најновиот атомски тест од страна на Северна Кореја.