1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја се согласи на мораториум на нуклеарните активности

29 февруари 2012

САД соопштија дека Северна Кореја се согласила на прекин на нејзините тестови на нуклеарни бомби и ракети со голем дострел, како и на збогатувањето ураниум. Пјонгјанг го потврди тоа.

https://p.dw.com/p/14C2X
Договорот за мораториум е плод на преговорите во Пекинг меѓу дипломати на Северна Кореја и на САД (на сликата)Фотографија: AP

„Со цел да ја подобри атмосферата на дијалог и да ja демонстрира својата заложба за денуклеаризација Северна Кореја се согласи да имплементира мораториум на тестовите на проектили со голем дострел, на тестовите на атомски бомби и на нуклеарните активности вклучително и облагородувањето на ураним“, се вели во денешната изјава на Стејт Департмент.

Покрај тоа властите во Пјонгјанг се согласиле да им дозволат на инспектори на Меѓународната агенција за атомска енергија повторно да се вратат во земјата за да го верификуваат и да го надгледуваат мораториумот на сите нуклеарни активности вклучително и збогатувањето на ураниум во атомскиот комплекс Јонгбјон.

Потврда од Пјонгјанг

За возврат САД се подготвени да ги финализираат деталите за предложениот пакет со помош во храна за народот во Северна Кореја, соопшти Стејт Департментот истакнувајќи дека Вашингтон нема непријателски намери кон Северна Кореја и е подготвен да преземе чекори за унапредување на билатералните односи.

USA-Nordkorea Gespräche in Peking
Договорот за мораториум е плод на преговорите во Пекинг меѓу дипломати на Северна Кореја и на САД (на сликата)Фотографија: AP

Ваквиот договор кој во меѓувреме го потврдија и властите во Пјонгјанг е производ преговорите кои минатата недела во Пекинг ги водеа дипломати од САД и Северна Кореја. Тоа беше прва средба од ваков вид по смртта на долгогодишниот лидер на Северна Кореја, Ким Џонг Ил во декември минатата година.

Државната новинска агенција на Северна Кореја - КЦНА доопшти дека властите во Пјонгјанг ја донеле одлуката за мораториумот како одговор на барањето на САД и со намера за оддржување на позитивната атмосфера.

Ваквата денешна најава го отвора патот за можно обновување на т.н шестпартитни преговори за нуклеарно разоружување на Северна Кореја, во кои покрај претставници на Вашингтон и на Пјонгјанг учествуваат уште и дипломати на Кина, Русија Јапонија и на Јужна Кореја.

Автор: СН/ АТ/ афп/ ртр/ ап

Редактор: А. Трајковска