1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја ќе се реформира?

Јан Јун / Елизабета Милошевска Фиданоска25 септември 2012

Парламентарната седница во Северна Кореја која се одржува денеска (25.09.) поттикна шпекулации дека во отсечената од светот земја претстојат економски реформи. Колку вистина има во гласините?

https://p.dw.com/p/16DkC

Источна Азија ноќе, погледната од вселената. На сателитската снимка светат индустриските нации Јапонија и Јужна Кореја. Светло зрачат и градовите на кинескиот источен брег. Само меѓу Кина и Јужна Кореја има темна дамка. Тука се наоѓа една од најсиромашните земји на планетата - Северна Кореја. Нема добра енергетска и инфраструктурна мрежа. Според ОН во 2011. година речиси секој четврти жител на Северна Кореја е соочен со глад. Тоа се околу шест милиони луѓе.

Дека така не оди забележува најверојатно и севернокорејската влада. Осиромашената Северна Кореја е исправена пред најобемните економски реформи со децении, јави неодамна агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на инсајдерски информации. Селаните би требало да добијат поттици за производство по кинески урнек. По преземањето на власта од страна на младиот Ким Јонг Ун, севернокорејскиот парламент денеска (25.09.) се среќава втор пат. Вообичаено, парламентот се состанува само еднаш годишно за да ги „аминува“ одлуките на партиското раководство.

„Можни се многу работи“

Сепак, овој пат може да станува збор за нешто повеќе. Експертот за Северна Кореја Франк Ридигер од Универзитетот Виена беше во земјата неколку дена пред вонредната седница на севернокорејскиот парламент. Тој оценува дека е можно да бидат објавени важни одлуки за насоките во иднина. „Може да се работи за персонални одлуки, можеби ќе има уставни промени. Се разбира можни и замисливи се и економско-политички мерки“.

Нови теми

За разлика од посетата на Северна Кореја во април годинава, сега расположението е значително порелаксирано, вели Франк. Може да се препознае претпазлив полет, економските активности се значително зголемени. „Бројот на тезги што може да се видат во градовите, но и на речиси сите раскрсници во провинција, навистина е експлозивно зголемен. Ги гледав и паролите долж улиците. Покрај вообичаените фалби за лидерот, се‘ повеќе како цел се пропагира и благосостојбата на народот“. Дури и кога станува збор за пропаганда, ваквите пароли сепак даваат извесни сигнали, нагласува Франк. И во партискиот весник сега првпат може да се видат економски вести кои се однесуваат на благосостојбата на народот, и тоа напред, на првата страница.

Rüdiger Frank
Ридигер Франк: Расположението е значително порелаксираноФотографија: Privat

Приближување со Кина

Зголемени кинески инвестиции во сиромашната Северна Кореја и рамковните услови што се за тоа непоходни, значи елементи на пазарна економија, беа во фокусот на разговорите што влијателниот чичко на Ким Јонг Ун, Јанг Сонг-таек ги водеше со кинеското раководство во Пекинг, на средината од август. Северна Кореја гледа внимателно што се случува во единствената пријателска соседна земја Кина, нагласува Ридигер Франк: „Врз основа на примерот на Кина во Северна Кореја се верува дека може да се има функционална економија, но и диктатура која ќе го зачува монополот на власт на партијата, барем на подолг период. Кина е интересна од технички аспект, затоа што Северна Кореја сака таму да проучи одделни техники, како на пример создавање специјални економски зони“.

Treffen Hu Jintao Präsident China und Jang Song Thaek
Средба Ху Џинтао-Јанг Сонг-таек (архива)Фотографија: RETUERS

Партијата и армијата против реформи

Дури и ако Ким Јонг Ун навистина сака да ја реформира Северна Кореја по примерот на Кина, тој ќе наиде на големи пречки и отпор, проценува Роланд Хиеман од Институтот за истражување на демократијата од Гетинген. Партиските елити и армијата се веројатно против политичка одлука за пообемна реформа. Ким Јонг Ун мора и на сојузникот Пекинг да му покаже заби, зашто „во партиските елити и армијата се‘ уште има моќен потенцијал кому не му се допаѓа префорсиран курс на приближување со Кина“.

Уште во времето на Ким Јонг Ил пред 20 години кинескиот модел, значи економски реформи без политички реформи, беше предмет на разговор во раководните кругови во Северна Кореја. На крајот не се случи ништо, вели експертот Хиеман. Имаше само „реформички“, сосема претпазливи реформски стремежи. „Но, да се создадат трговски зони, да се има индустриска зона со Јужна Кореја, се‘ уште не значи и носење политичка одлука за спроведување темелни реформи“, оценува Хиеман.

Flash-Galerie Nordkorea Kommunistische Plakate auf den Straßen in Pjönjang
Темелни реформи се малку веројатниФотографија: DW/Alexander Prokopenko

Оттука, и по вонредната седница на парламентот ќе биде тешко да се каже дали темната дамка во Источна Азија ќе може малку да се осветли.