1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

171209 Klima Kopenhagen merkel

18 декември 2009

Денеска (18.12.09) во Копенхаген е решавачкиот ден од самитот посветен на климата. Шефовите на држави и влади ќе се обидат да остварат пробив во заглавените преговори за нов Договор за климата.

https://p.dw.com/p/L6ui
Канцеларката Меркел зборува на самитот за климатаФотографија: AP

Блокада во преговорите, натегања околу завршните документи и долги дебати без резултати. Светскиот самит за климата вчера се најде во ќорсокак. Добрата вест е таа што подоцна, сепак, продолжија преговорите: „Држете се и затворете ги вратите - жичарницата повторно се движи“, се обиде со хумор да ги раздвижи духовите шефот на Секретаријатот на ОН за клима, Иво де Бур.

Тој во повеќе наврати ја спореди мамутската конференција со искачување со жичарница на висока планина. Од денеска, во тешкиот потфат, Иво де Бур има и доволно сопатници со „тежина“, меѓу кои е и кацеларката Ангела Меркел, која од поодамна се профилира како горлив заговорник на борбата против климатските промени. По пристигнувањето во Копенхаген, вчера попладне, таа апелираше до сите учесници на самитот да ги збијат редовите во наредните решавачки часови: „Верувам дека имаме сила. Верувам дека ако секој направи уште еден чекор, дека тогаш ќе биде добро за сите заедно!“

Меркел јасно стави на знаење дека Германија и целата ЕУ остануваат на ветувањата, како по прашањето на зацртаните цели на Унијата за намалување на штетните гасови, така и по прашањето на финансиската помош за посиромашните земји за нивното справување со климатските промени.

„Индустриските земји не можат самите да го понесат товарот на оваа задача. Но, исто така тие мораат да се свесни за својата одговорност. Вториот дел од одговорноста се однесува на оправданото очекување на најсиромашните земји на светот, кои и најмногу страдаат од промените на климата, да им дадеме поддршка на полето на трансферот на соодветната технологија, како и на полето на финансиите.“

Obama Nobelpreisverleihung
Барак Обама - што носи во дипломатскиот куфер за Копенхаген?Фотографија: AP

Во игра се многу пари

Според најавите од Копенхаген, финансиската поддршка за сиромашните земји ќе бара по 10 милијарди годишно од оваа па се’ до 2012 година. Од 2020 ќе бидат потребни издвојувања од околу 100 милијарди долари годишно. САД ветија дека ќе се вклучат во ваквите планови за долгорочно финансирање. „Прифаќаме дека договорот мора да содржи широкограда финансиска и технолошка поддршка за земјите во развој, особено за најсиромашните и најкревките меѓу нив, за да им помогнеме да го намалат количеството штетни издувни гасови. САД се подготвени, заедно со другите земји, да издвојуваат по околу 100 милијарди долари годишно од 2020“, порача шефицата на Стејт департментот, Хилари Клинтон.

Денеска сите со нетрпение го очекуваат доаѓањето на американскиот претседател Барак Обама, со чиј ангажман се поврзуваат надежите од Копенхаген да произлезе барем силна политичка спогодба.

Автор: Хенрик Беме / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска