1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сега и закана со војна

27 мај 2009

Северна Кореја продолжува со курсот на конфронтација, кој го започна на почетокот на неделава со тестот на нуклеарно оружје. Најновата провокација на властите во Пјонгјанг е упатена кон соседна Јужна Кореја.

https://p.dw.com/p/HyKD
Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг ИлФотографија: picture-alliance/ dpa

Комунистичката држава му се закани со напад на официјален Сеул, еден ден откако Јужна Кореја се приклучи кон американската Иницијатива за борба против ширењето на оружје за масовно уништување.

Јужна Кореја вчера како одговор на нуклеарната проба на Северна Кореја објави дека ќе се приклучи кон Иницијативата за борба против ширењето на оружје за масовно уништување. Сеул ваква одлука донесе уште во минатиот месец, откако на 5 април, Северна Кореја изврши тест на ракета со голем дострел. Сепак формалното приклучување кон Иницијативата беше одложено во надеж дека ќе бидат обновени преговорите со северниот сосед.

Јужна Кореја е 95-та држава, која се приклучува кон Иницијативата, која не е насочена кон ниту една конкретна држава. Како реакција на ваквите постапки на официјален Сеул, Северна Кореја денеска се закани со напад на Јужна Кореја. Пјонгјанг исто така објави дека повеќе не се чувствува обврзан кон примирјето од 1953 година, со кое беше ставен крај на војната меѓу двете Кореи.

Нови два теста на ракети со мал дострел

Секој непријателски акт против невоените бродови, вклучувајќи и пресретнување и конфискување, ќе биде сметан за грубо нарушување на нашиот суверенитет и ќе биде проследен со итен воен напад, предупреди портпаролот на севернокорејската армија.

Северна Кореја предупреди дека не ја гарантира безбедноста на бродовите кои ќе впловат во нејзиниот западен брег, се наведува во соопштението на севернокорејските воени власти. Пјонгјанг, јавуваат светските агенции, со тоа ја потврди својата позиција дека учеството на Сеул во Иницијативата ќе биде протолкувана како објава на војна.

Nordkorea sprengt Kühlturm des Atomreaktors in Yongbyon
Спорната нуклеарна постројка ЈонгбјонФотографија: picture-alliance/ dpa

Покрај тоа јужнокорејските медиуми денеска јавуваат и оти американските шпионски сателити пронашле индикации за тоа дека Северна Кореја повторно ја ставила во погон нејзината нуклеарна постројка во Јонгбјон. Во неа имено може да произведува плутониум кој може да се користи за вооружување на атомските бомби.Според агенциските извештаи во земјата денеска повторно биле истрелани две ракети од краток дострел.

САД и натаму преферираат дијалог

Но и покрај ракетните тестови и последната атомска проба, САД сакаат и натаму да воспостават дијалог со комунистичката земја. Условот гласи: промена на курсот на раководството во Пјонгјанг, кое меѓутоа воопшто не е подготвено на такво нешто.

„Вратата за преговори е се’ уште отворена“, порача портпаролот на американското министерство за надворешни работи Иан Кели. Истовремено САД се подготвени за продолжување на шест-партитните преговори за спорната атомска програма на Северна Кореја, изјави портпарол на Стејт Департментот во Вашингтон. Тој нагласи дека на властите во Северна Кореја мора да им стане јасно, дека без промена на курсот ќе ги почуствуваат последиците од нивните постапки. Кели уште порача: „Ние не ја признаваме Северна Кореја како нуклеарна сила.“

Во сабота американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс во Сингапур ќе ги усогласува натамошните постапки во случајот со Северна Кореја со неговите колеги од Јапонија и Јужна Кореја. Од друга страна Советот за безбедност на ОН кој вчера остро и едногласно го осуди нуклеарниот тест спроведен од Северна Кореја, продолжува со консултациите околу резолуцијата со која треба да бидат заострени веќе постоечките санкции за оваа земја.

Автор: СН/АТ/дв/дпа/
Редактор. Александра Трајковска