1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секои пет секунди умира едно дете

ЕМФ/дв13 септември 2013

Смртноста кај децата е во благо опаѓање, но светот се‘ уште ни оддалеку не ги исполнува зацртаните цели, соопшти УНИЦЕФ. Во светот секои пет секунди умира едно дете.

https://p.dw.com/p/19hAa
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во 2012 година во светот умреле 6,6 милиони деца, најголемиот дел од нив во земјите во развој, велат податоците на УНИЦЕФ. Во споредба со 1990 година бројот на деца и бебиња кои умираат годишно е преполовен, меѓутоа светот е се‘ уште далеку од исполнување на зацртаните цели.

Најчеста причина за смрт, според УНИЦЕФ, е воспаление на белите дробови, компликации настанати како последица од предвремено раѓање или за време на раѓањето, како и стомачни болести. Во речиси половината од смртните случаи се работи за деца кои биле потхранети. Целта на меѓународната заедница е до крајот на 2015 година смртноста на децата да се намали за две третини во однос на 1990-тата година. Тоа, според се‘, нема да се случи.

УНИЦЕФ и Светската здравствена организација оценуваат дека подобра исхрана и медицинска нега би ја поправило ситуацијата ширум светот. И во многу сиромашни земји, како Етиопија и Бангладеш, на тој начин е постигнат успех, односно шансите за преживување на децата се значително зголемени. Кристијан Шнајдер, прв човек на УНИЦЕФ во Германија, изјави: „Со едноставни и евтини средства, како вакцинирање, антибиотици, мрежи за заштита од инсекти и подобро згрижување на мајките и децата за време и по породувањето, може да се спасат милиони деца.“

Борбата за намалување на смртноста кај децата е четвртата од осумте таканаречени Милениумски цели на ОН, поставени во 2000 година. На Генералното собрание на ОН во Њујорк, што почнува наредната недела, шефовите на држави или влади ќе разговараат за нивното спроведување.