1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Село со висококатници

Астрид Фрајајзен28 јули 2008

Во Пекинг е отворено „срцето“ на Олипмиските игри - Олимпиското село. Првите германски спортисти веќе пристигнаа.

https://p.dw.com/p/EkyF
Олимпиското село е големо и комфорноФотографија: AP

Петмина учесници во кану-слалом и кормиларот, поранешен светски првак, Марсел Хакер, се првите од вкупно 440 германски олимпијци кои пристигнаа во Олимпиското село. Подготовките ги направи тимот на Германскиот олимписки спортски сојуз, ДОСБ, предводен од Јерг Циглер и Бернард Шванк.

„Има два типа апартмани - за шест лица, каде во три двокреветни соби се сместени по двајца спортисти и апартмани за три лица, каде што има дури и еднокреветни соби за оние кои имаат проблеми со спиењето. Апартманите се пространи и добро опремени“, вели Циглер.

„Ова е навистина едно од најубавите села што сум ги видел досега. Насекаде вирови, дрва, многу зеленило. Навистина е многу, многу убаво“, оценува Шванк.

Специјални кревети

На површина од 66 хектари, во 42 згради, на атлетите им се нуди голем комфор. Апартманите се опремени главно во западен стил, а оние за шест лица имаат површина од 170 квадратни метри. Со оглед на температурите во Пекинг, кои се над 30 степени целзиусови и големата влажност и загаденоста на воздухот, во секоја од големите соби се инсталирани клима уреди. Сепак, тренерот на натпреварувачите во кану, Јирген Келер, е загрижен поради тоа што зградите во Олимпиското село се високи дури и по девет ката: „Прашање е колку се навистина изолирани. Атлетите ќе се подготвуваат пред натпреварите и секој сака да има свој мир. Дали е тоа можно во олку големи згради, додека другите се забавуваат или ги слават своите победи, ќе видиме.“

Peking 2008 Olympisches Dorf Zimmer
Фотографија: AP

И покрај тоа, во Олимпиското село ќе биде сместен речиси целиот германски тим. За многу високите, како кошаркарската ѕвезда Дирк Новицки, кој има цели два метри и 13 сантиметри, кинескиот Олимписки организационен комитет нарача екстра долги кревети.

„Ќе биде супер“

Што се однесува до храната, во олимпиското село се‘ внимателно ќе се контролира од аспект на безбедноста, нагласуваат домаќините. И, и покрај сите поинакви досегашни тврдења, контрола ќе има и на интернетот. Како во медиумскиот центар, така и во интернет кафето на Олимпиското село, блокирани се голем број страници. Но, тоа за најдобрата во светот во дисциплината кану-слалом, Џенифер Бонгард, не е тема за размислување, исто како што не е ниту евентуалната можна врева во селото: „Ах, ќе биде супер. Всушност, сеедно е како, главно е што си овде и тоа е најдоброто. “