1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семејството е повторно „ин“ во Германија

28 ноември 2010

Трендот во Германија, што се однесува до ставот кон семејството, се движи во конзервативна насока. Најновите социолошки истражувања покажуваат дека и младата генерација го смета за клучна вредност во животот.

https://p.dw.com/p/QJT7
Фотографија: Rolf Konow

Во двете нови студии на социолошките институти „Емнид“ и „Рајнголд“, дури 97% од испитаниците се изјасниле дека семејството им е поважно од се` друго. Експертите од двата института особено го истакнуваат фактот што семејството има така истакнато место кај младата генерација. За младите тоа е место каде се чувствуваат згрижени и разбрани, каде можат да добијат потпора во овие тешки времиња. Интересно е што кај младите се враќа и стремежот кон создавање класично семејство, кое во реалноста доживува тешка криза и големи трансформации. Ваков став кон семејството се јавува толку интензивно и кај испитаниците од постарата генерација преку 65 години. Во просек, меѓутоа, без оглед на разликите по возрасните структури, кај повеќето испитаници јасно се истакнува трендот на подготвеност за откажување од другите вредности, како кариера или богатство, во полза на семејната среќа.

USA Deutschland deutsche Familie Romeike bekommt politisches Asyl
Фотографија: AP

„Јојо ефект“ од глобализацијата

Експертите сметаат дека ваквиот тренд се должи на губењето ориентација и стабилни рамки во професионалниот и општествениот живот како последица на глобализацијата. Таа донесе големи предности за претприемачите и крупниот капитал, затоа што ја зголеми мобилноста на финансиските текови и производните процеси, но од друга страна за работниците донесе кусорочни работни договори, силна меѓународна конкуренција на пазарот на работна сила и со тоа зголемено чувство на несигурност. Можноста некој веднаш по завршувањето на образованието да најде работно место, на кое ќе остане и ќе напредува до крајот на работниот век, стана голема реткост. Експертот Себастијан Бугерт од Институтот Рајнхолд објаснува: „Луѓето во Германија се соочени со се’ поподвижна и нестабилна животна реалност, во која не знаат на што можат да се потпрат и кон што да се ориентираат.“ Како последици од таквиот општествен развој се јавуваат дезориентација и страв. Во таквиот контекст, семејството ја игра улогата на сигурна оаза, во која единката може да се повлече и да најде сигурност, љубов и поддршка во бурните времиња.

Deutschland Literatur Geschichte Thomas Mann mit Familie am Hiddensee
Семејството на писателот Томас Ман снимено во 1924 годинаФотографија: ullstein bild

Каков облик на семејство?

Научниците забележуваат дека младите при тоа се ориентираат кон класичниот облик на семејство, бидејќи не гледаат доволно јасни алтернативи. Така семејната идила од минатиот век повторно се враќа во мода. Испитаниците сепак покажуваат и голема толерантност кон другите видови семејство, како што се партнерите кои живеат заедно без законски склучен брак, потоа мешаните семејства со деца од различни родители т.н. „печворк семејство“, потоа истополовите животни заедници и самохраните родители. Без оглед на конкретниот облик дури 96% од испитаниците сметаат дека во семејството сите треба да се грижат едни за други. Ставот дека денес може да се живее и сам, без семејство го поддржале само 6% од учесниците во испитувањето. Во Германија, според статистичките податоци, во моментов 40% домаќинствата се сочинети од само едно лице, значи такви кои живеат потполно сами.

Deutschland Familie Demographie
Иднината тесно поврзана со семејствотоФотографија: AP

Автор: ГЧ/ ТТ/ дпа

Редактор: Александра Трајковска