1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семејството повикува да не се шпекулира за Шумахер

Александар Методијев/афп/дпа/апе4 јануари 2014

Михаел Шумахер и натаму е во „критична, но стабилна“ состојба во болницата во Гренобл, соопшти неговата менаџерка Сабине Кем. Сите неофицијални информации за неговата состојба се „чиста шпекулација“, рече Кем.

https://p.dw.com/p/1AlHo
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Тој скијал по карпеста падина, при што го превидел тоа и како резултат на тоа ја загубил контролата. Потоа удрил со главата во друга карпа“, објасни Кем во изјава за германскиот весник „Билд“. „Тој не се движел премногу брзо. Тоа бил нормален маневар на свртување“, дообјасни таа.

Менаџерката на Шумахер повтори дека семејството бара да се почитува неговата приватност во овој момент и да не се шпекулира за неговата здравствена состојба.

Michael Schumacher Beraterin Pressesprecherin Sabine Kehm 31. Dez. 2013
Сабине Кем, менаџерка на Михаел ШумахерФотографија: Getty Images

„Ние категорички нагласуваме дека секоја информација за неговата медицинска состојба, а која што не потекнува од докторите или неговиот менаџмент, е погрешна и е чиста шпекулација“, нагласи Кем во пишаната изјава.

Нова прес-конференција во однос на здравствената состојба на Шумахер не се очекува пред понеделник. Последната официјална информација беше дадена на прес-конференција во средата (1.01.2014). И тогаш здравствената состојба беше опишана како критична, но стабилна, откако врз него беа извршени две операции на мозокот.

Ќе открие ли камерата причини за несреќата?

Michael Schumacher Skiunfall Unfallort Piste
Местото на несреќатаФотографија: picture-alliance/dpa

Менаџерката на Шумахер исто така потврди дека поранешниот светски првак во Формула 1 носел камера на кацигата во моментот кога се случил инцидентот при скијањето и таа доброволно била предадена од страна на семејството на француските истражни органи.

„Камерата од кацигата на Михаел беше доброволно дадена на истражните органи од страна на семејството. Дека тоа било направено спротивно на желбите на семејството – не е точно“, нагласува Сабине Кем.

При ударот во карпата кацигата се расцепила на два дела, па не е познато дали камерата воопшто ја снимила несреќата или, пак, била оштетена од ударот. Француските власти пред изјавата на менаџерката на Шумахер информираа дека веќе ја анализираат камерата од кацигата. Анонимен полициски извор информираше дека таа е земена со цел да се расчистат околностите на несреќата на седумкратниот светски шампион во Формула 1. И 14-годишниот син на Шумахер, Мик, кој бил со својот татко во моментот на падот, бил испрашан од инспекторите.

Фановите на роденден пред болница

Додека полицијата се обидува да ги открие причините за несреќата, која се случи на 29 декември, Шумахер и натаму лежи во кома во болницата во Гренобл. Нему вчера му беше 45-от роденден. Додека сопругата Корина, двете деца-тинејџери, таткото Ролф и братот Ралф беа крај неговиот болнички кревет, надвор од болницата се собраа бројни фанови на Шумахер. Тие го одбележаа неговиот роденден со тивко бдеење пред болницата. Настанот делумно беше организиран од Ферари, поранешниот тим на Шумахер. Фановите беа повикани да се појават пред болницата во боите на Ферари.

Schumacher-Fans zeigen Unterstützung für ihr Idol
Фановите на Шумахер пред болницата во ГреноблФотографија: Micha Will/Bongarts/Getty Images

Иако во моментите кога бил пренесуван со хеликоптер од местото на несреќата до болница бил во свесна состојба, кратко потоа тој падна во кома. Тоа и го попречува неговиот транспорт од болницата во Гренобл.