1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семинаристите-нови македонски амбасадори

26 август 2009

На 90 учесници на 42-от Семинар за македонски јазик, литература и култура од 27 земји, веќе докажани слависти и македонисти, а и на почетниците, им е јасно дека Македонија и македонскиот јазик не се измислена творба.

https://p.dw.com/p/JCn3
Охрид, домаќин на македонистите од цел светФотографија: Petr Stojanovski

Доктор Ала Шешкен е од Русија. Предава на универзитетот Ломоносов. Таа со децении е редовен учесник на охридската Летна македонистичка школа. Вели дека одново му се враќа на Охрид заради природата, убавината на езерото, но и поради помислата дека пак на изворот ќе може да го слушне македонскиот јазик. На нападите и провокациите дека македонскиот јазик е вештачка творба Шешкен одговара:

„Овој народ на овој простор го задржал својот јазик со векови. Тогаш, како може да биде вештачка творба? Тоа е глупост. Јазикот е една природна материја. Јазикот се раѓа и се развива и за жал умира. Македонскиот јазик е жив. “

За Ала Шешкен разбирливо е што Македонците реагираат и ги отфрлаат провокациите кои Македонија ја држат изолирана и надвор од НАТО и ЕУ:

„Мислам дека Македонија е во право. Тоа само по себе се подразбира. Но Македонија не може да молчи кога и‘ велат дека не постои и дека треба да даде некое ново име на својот народ, на својот јазик, на својата држава. Во секоја политичка работа има некоја подлост.“

Mazedonien Ohrid See
Фотографија: dpa

Проблем се само „запалените“ грчки националисти

Во круговите на славистите во Америка, Македонија и нејзиниот јазик се добро познати, потврдува доктор Стивен Френкс од Блумингтон. Според него, само „запалените“ грчки националисти се борат за промена на уставното име на Македонија:

„Кај нас ми си чини дека никој не би рекол дека не постои Македонија, македонистика и македонски јазик. Сите сметаат дека таа е самостојна држава со свој јазик. Можеби негирањето доаѓа само од луѓето кои имаа грчко потекло.“

Зголемен број македонисти

Потврда за постоењето на Македонија, јазикот и нејзината култура сигурно е и одржувањето на Семинарот. Бројот на младите кои покажуваат интерес за изучување на македонскиот јазик во светот се зголемува.Силвио е од Тирана - Албанија. Студира руски и македонски јазик и како сите млади сонува за обединета Европа. Македонија е само македонска смета тој :

„ Македонија и натаму треба да го задржи своето име Македонија. Затоа што Македонците биле тука, па со тоа земјата им припаѓа на Македонците. Јазикот и културата се на Македонците и тие не се ниту албански, ниту грчки, ниту бугарски .“

По подолго време во Охрид на семинарот и учесник од Грција. Спиридон е од Солун.За првиот контакт со македонскиот јазик вели:

„ Првите зборови ги научив од дедо ми и од баба ми. Потоа продолжив преку разговорници и контакти преку интернет со деца од Република Македонија. Дедото и баба ми по мајка се од Неврокоп, а по таткова линија потекнувам од Грузија .“

И покрај националната непопустливост кога е во прашање Македонија , Грција, притисната од европските институции, не може да ги сопре своите граѓани од македонско и друго потекло да го користат својот мајчин јазик, вели Спирдон. Таков е случајот со партијата „Виножито“:

Kirche Heiliger Johannes in Kaneo, Ohrid See, Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Доста веќе се плашиме. Главата горе“. Така вели претседателот на „Виножито “ Павле Воскополус – Филипов. „Виножито “ е разгрането во Лерин, во Воден и во Солун. Можеме да работиме. Но луѓето се‘уште се плашат.“

И Спиридон смета дека проблемот го прават националистите. Според него, грчкиот и македонскиот народ треба да ги надминат предрасудите:

„Меѓу Грците и Македонците нема проблеми. Проблемите ги прават политичарите и националистите. Грчкиот и македонскиот народ може и мора да бидат обединети.“

Семинаристите ќе бидат новите македонски амбасадори ширум светот. Организаторите не се сомневаат дека најголем дел и догодина ќе се вратат во Охрид за да го совладаат македонскиот јазик и потемелно да се запознаат со литературата и културата во Македонија.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска