1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сендвич - светски успех од провинција

Џудит Леб / Александар Методијев26 мај 2012

Сендвичот деновиве го славеше својот 250-ти роденден. Британците се горди, бидејќи светски познатата ужинка е измислена во нивната земја.

https://p.dw.com/p/1500o
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кришки од тост леб, нешто вкусно ставено помеѓу и подготвен е сендвичот. Во Велика Британија се продаваат сендвичи речиси на секој агол, како кај Сју Коуп. Таа има речиси 50 различни видови на понуда.

„Најомилени се оние со сланина, салата и домат; потоа со јајце, мајонез и салата од крес; како и со сирење, домат и салата од шунка“, вели Сју Коуп, сопственичка на „Мунчис Сендвич Бар“ и додава: „Шунка и домати; туна, мајонез и краставица; сирење и кромид“.

Но, набројувањето на најомилените сендвичи на Британците не запира тука. „Потоа со јајце и мајонез; пилешко и мајонез; пилешко со кари; пилешко, сланина и мајонез“, завршува со набројувањето Сју Коуп.

Lunch Beat Party in Schweden Sandwich To Go
Сендвичот денес, по 250 години, може да се купи на секој чекорФотографија: Kirsten Eddyson Photography

Роденденот се славеше цел викенд

А, тука - во градчето Сендвич, е откриена оваа ужинка. 4.500 жители живеат овде и овие денови имаат причина за славење. Сендвичот го слави 250-от роденден.

Наследникот на изумителот на сендвичот пристигна со својата фамилија. Цел викенд се слави за двете познати парчиња леб.

„Го славиме 250-тиот роденден на првиот сендвич и славиме со стил“, изјави Џон Монтгју,11-от Војвода од Сендвич и наследник на кумот на седнвичот.

Страста кон картите го создала сендвичот

Моментот во кој е измислен сендвичот го претставија актери аматери. Четвртиот Војвода од Сендвич, страстен играч на карти, е гладен, но не сака да ја напушти масата на која се играат карти.

„Донесете ми само парче месо со кришки леб од двете страни“, вели актерот.

Тоа е почетокот на успешната приказна. Без да знае, Војводата од Сендвич и’ го дал своето име на едноставната ужинка. Исто така и останатите сакаат да пробаат и да го нарачаат „истото како Сендвич“.

Војводата и неговото откритие станаа многу бргу популарни, така што за време на неговиот живот беа објавени и првите карикатури - Војводата како парче сирење стиснат меѓу две куртизани.

Symbolbild Mittagessen Arbeitsplatz
Сендвичот е практичен за луѓето кои работат и немаат доволно времеФотографија: picture-alliance / dpa

„Војводата од Сендвич морал да ги држи картите во една рака. Мислам дека тоа било вистина. Но, не било единствената приказна, па фамилијата морала да ја смисли другата страна - дека тој бил сериозен политичар, имал подеми и падови, тешкотии во професионалниот живот, но работел напорно и мислам дека тоа е другата причина, како вие или јас што имаме потреба од сендвич во едната рака“, изјави Џон Монтгју,11-от Војвода од Сендвич.

Бесплатни сендвичи за сограѓаните

Џон, 11-от Војвода од Монтгју, е сегашниот актуелен Лорд Сендвич.

„За 250-от роденден на сендвичот! И му посакуваме уште 250 среќни години“, рече Монтгју при здравицата.

Наследникот на познатиот предок е покровител на роденденот исполнет со шеги. Заедно со син му Орландо, тој ги покани жителите од градот на голем ручек со сендвичи.

„Никој не сугерира дека мојот предок е првата личност што јадела леб и месо. Тоа е смешно. Сите ние велиме дека тој направил храната да им одговара ним, а не да биде поинаку. Традиционално вечерите биле формални, со конкретни места за седење и неактивен разговор. Тој бил активен човек“, вели Орландо Монтгју, прапрапрапрапраправнук на изумителот на сендвичот.

Повикот за великодостојниците во градот не е само алтруистичен, туку во исто време го рекламира фамилијарниот ланец за брза храна на кланот Сендвич.

BDT Das teuerste Sandwich der Welt
Ова е најскапиот сендвич на светот. Направен е во Велика Британија и при неговата продажба во 2006-та година имаше цена од 122,53 евра.Фотографија: AP

„Во секоја генерација има зафатени луѓе. Јас мислам дека денес уште повеќе, бидејќи луѓето се’ повеќе и повеќе работат и времето стана се’ покритично. Но, ви треба храна што ќе ви одговара и тоа не значи дека треба да правите компромис. За мене тоа е предизвик. Не е компромис да се јаде сендвич, туку тоа треба да биде омилена храна, која ја јадете кога било и каде било“, вели Орландо Монтгју.

Сендвич со краставици и Кралицата

Жителите во градчето во секој случај се горди на својот пронајдок.

„Сендвичот е меѓународно признаена ужинка. Да не се слават 250 години од него ќе биде пропуштена можност“, вели еден жител на градчето Сендвич.

„Во оваа земја се работи за она што сме, што го имаме, а тоа се сендвичите со краставици и Кралицата“, вели друг жител на градот.

„Тоа е толку погодно и тие се хранливи“, смета жител од градот Сендвич, а неговиот сограѓанин се надоврзува: „Знаете, вашата омилена состојка е во убаво тенко парче“.

А, оваа листа е неизбежно подолга.

„Телешко, мисиркино, солено говедско месо, шунка и сенф...“, продолжува да набројува Сју Коуп, сопственичка на „Мунчис Сендвич Бар“.