1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сензационална победа на Ребенсбург во велеслалом

26 февруари 2010

Германката Викторија Ребенсбург направи сензација освојувајќи го златото во велеслаломот на олимписките игри во Ванкувер (25.02.2010). Вториот медал на Германија и‘ го донесе женската штафета во крос-кантри.

https://p.dw.com/p/MBil
Викторија РебенсбургФотографија: AP

20-годишната Викторија Ребенсбург се искачи највисоко на победничкиот подиум, откако на големо изненадување победи во трката во велеслалом. Ребенсбург беше на 6-то место по првата трка, но во второто возење имаше убедливо најбрзо време и ги совлада големите фаворитки за медал од Швајцарија и Австрија. Ова беше и првото злато во ова натпреварување за Германија по пауза од цели 54 години. На второто место се пласираше Словенката Тина Мазе, додека до бронзата стигна Австријката Елизабет Гергл, која водеше по првата трка.

Женската репрезентација на Норвешка стигна до златото во штафетата во крос-кантри, на второто место се пласираше тимот на Германија, а на третото Финска.

Трето злато едноподруго за женската хокејарска репрезентација на Канада на Олимпијадите. Канаѓанките синоќa во финалето ги совладаа САД со 2:0. До бронзата стигна репрезентацијата на Финска, која во битката за третото место ја совлада Шведска со 3:2.

Ким Ју-На од Јужна Кореја стигна до златото во уметничко лизгање, а притоа успеа за 18 бодови да го поправи и сопствениот светски рекорд во ова натпреварување. За 19-годишната Корејка ова беше прво олимписко злато. До среброто стигна Мао Асада од Јапонија. За многумина настан на денот, сепак, беше настапот на Канаѓанката Жоани Росет, која стигна до бронзениот медал, и покрај тоа што нејзината мајка почина пред само четири дена. Во емотивниот настап, Росет и‘ го донесе на Канада првиот медал во оваа дисциплина уште од Игрите во Калгари во 1988 година.

Во генералниот пласман, водат САД со вкупно 32 освоени медали, од кои 8 златни, пред Германија со шест помалку, но со ист број златни медали, и Норвешка со 19 одличја.

Автор: БГ/СН/дпа/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска