1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сергеј Бубка и натаму „дише“ за атлетиката

16 мај 2010

„Спортувајте за да бидете здрави“, порача живата легенда, Украинецот Сергеј Бубка во Охрид. Кралот на височините, светскиот рекордер во скок со стап сега е промотор на атлетиката по светот.

https://p.dw.com/p/NP9C
Сергеј БубкаФотографија: DW

ДВ: Поради серијата ненадминати успеси дали се чуствувате како човек кој го претекнал времето?

Сeргеј Бубка: Го направив тоа што требаше да го направам, да бидам подобар од другите, а за останатото не сум размислувал и не размислувам. Тоа го прави публиката, тоа го прават луѓето. Останува тие да коментираат и да размислуваат. Јас секогаш се фокусирав утре да бидам подобар од денеска и да го подобрам мојот резултат.

ДВ: Сонувате дека и натаму сте на некој натпревар?

Сергеј Бубка: Понекогаш, но не толку често. Се случува да спијам и да сонувам.

ДВ: Има ли некој што за скоро ќе го сруши Вашиот рекорд?

Sergej Bubka
Сергеј Бубка на Олимписките игри во Сеул во 1988 годинаФотографија: DPA

Сергеј Бубка: Тоа би било фантастично, би било одлично, но не зависи од мене. Мислам дека еден ден рекордот ќе биде срушен. Сега кога гледам од оваа позиција не можам да кажам, останува на атлетичарите. Тие се познаваат себеси, тие ги познаваат своите способности и вештини. Ништо не зависи од правилата на атлетиката. Се’ зависи од нив самите. Висината од 6,15 метри и не е некоја голема висина, ама ако е 6,30 или 6,40 тоа е добра висина. Мислам дека 6,20 метри е достижна висина. Сонував дека кариерата ќе ја завршам со оваа висина. Оваа година е 17, откако го поставив мојот светски рекорд од 6,15 метри во сала. Моите најдобри скокови ги проучувале јапонските научници. Тие процениле дека можам да скокнам и 6,40 метри во височина. Сега мое е да создавам спортисти, кои ќе можат да ја соборат мојата висина.

ДВ: Што би им порачале на децата и младите. За жал тренд во светот е се’ помалку да се спортува?

Сергеј Бубка: Децата и младите треба да сфатат дека спортот, физичкото образование ќе им помогне во животот да ги надминат тешкотиите, да го изградат сопствениот карактер. Преку спортот ќе можат да ја достигнат псхичката и физичката хармонија во животот. Атлетската федерација ја форсира програмата за детска атлетика. Децата денес имаат прекумерна тежина седат пред компјутерите, пред телевизија и по цел ден немаат физичка активност. Пред три години во Малта, од колегите кои ги посетуваат училиштата ја слушнав оваа вистинска случка. Во едно училиште тие се сретнале со едно 10 годишно момче и го прашале: „Дали спортуваш?“ Тоа рекло: „Да, фудбал“. За својата возраст бил малку подебел. Тие биле изненадени како може дебелото момче да игра фудбал. Го прашале: „За кој тим играш?“ Тоа одговорило: „Не, играм фудбал на компјутер“. Ете, како современата технологија го натерала момчето да мисли дека спортува. Ние треба да ги натераме децата да го засакаат спортот и да спортуваат вистински.

Sergej Bubka
Сергеј Бубка со дописникот Милчо ЈованоскиФотографија: DW

ДВ: Кариерата ја завршивте во 2001-та. Сега, покрај другото сте и амбасадор на УНЕСКО. Дојдовте во Македонија да ја промовирате новата современа атлетска патека и новиот атлетски митинг во Охрид. Единствен услов што сте му го поставиле на организаторот бил да Ви овозможи да ги видите овдешните цркви?

Сергеј Бубка: Се’ уште стојам на тоа. Охрид има 365 цркви. Тоа е многу оригинално, многу уникатно. Сакам да ги искусам тие убавини и можете да почуствувате дека и додека разговараме сум многу возбуден, сакам да бидам надвор, да погледнам, да уживам. Македонија има посебна и голема историја.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска