1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Серија напади во Ирак со десетици жртви

ЖА/афп/ртре29 јули 2013

Серија напади со најмалку 54 убиени денеска (29.07.) го потресе Ирак. Само во главниот град Багдад и околината загинале 48 луѓе од автомобили-бомби, а над 220 се ранети.

https://p.dw.com/p/19GgG
Фотографија: AHMAD AL-RUBAYE/AFP/Getty Images

Во серијата од над десетина експлозии, којашто започна денеска утрото во Ирак, убиени се најмалку 54 луѓе, а над 220 се ранети, јавуваат агенциите повикувајќи се на локалните власти. Според актуелните информации, само во ирачката престолнина Багдад од утрината одекнале 11 автомобили-бомби, претежно во населбите каде што е компактно шиитското мнозинство.

Уште два автомобила-бомби биле активирани во близина на автобуска станица во градот Кут, 150 километри североисточно од главниот град, при што загинале најмалку десет луѓе.

Четири лица, исто така, се убиени во експлозија во градот Махмудија, на 30-ина километри јужно од Багдад. Во две експлозии во појужниот град Самава, загинале уште две лица. Другите експлозии се регистрирани во Садр Сити, Хабибија, Хурија, Бајаа, Ур, Шурта, Кадимија, Рисала, Тобџи о Ану Дшер.

Понеделничката серија терористички напади доаѓа откако претходно вчера загинаа 14 лица, меѓу кои девет полицајци Курди во напад изведен со автомобил бомба во ирачката северна провинција Салахудин.

Од почетокот на 2013. година во секојдневните серии напади загинаа повеќе од 3.000 луѓе. Јули стана најсмртоносниот месец годинава, откако досега во масакрите загинале повеќе од 780 луѓе.

Тензиите меѓу сунитите и шиитите се една од причините за ескалацијата. Граѓанската војна во соседна Сирија дополнително ги заострува верските конфликти. Разочараното сунитско малцинство ја обвинува владата, во која претежно се шиити, за дискриминација, меѓу другото, преку самоволни апсења и лажни обвинувања за тероризам.