1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сејдиу ја откажа посетата на Македонија

28 мај 2009

Претседателот на Косово, Фатмир Сејдиу ја откажа еднодневната посета на Македонија. Причина за откажувањето, се вели во известувањето на кабинетот на Сејдиу е што македонската страна го променила карактерот на посетата.

https://p.dw.com/p/HynK
Претседателот Фатмир СејдиуФотографија: picture-alliance/dpa

Косовскиот претседател ја откажа посетата на Македонија во последен момент. Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу се одлучил на овој чекор откако не добил гаранции дека во Скопје ќе биде пречекан со државнички протокол: химна, построена гарда на АРМ, косовско знаме пред резиденцијата на Водно.

Кабинетот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, вчера попладне (27.05.09) се огласи, дека церемонијата на пречекот и организацијата на посетата на косовскиот претседател била диктирана од невоспоставените дипломатски односи и оти станува збор за работна посета. Спротивно од ова, медиумите во Приштина јавија дека македонскиот претседател, еден ден откако ја презеде функцијата, на 13 мај испратил покана за официјална еднодневна посета на косовскиот претседател на Македонија.

Фатмир Сејдиу не беше поканет на инаугурацијата на новиот претседател на Македонија, поради притисокот од Србија и присуството на претседателот Борис Тадиќ во Скопје. Македонската дипломатија со организирањето на билатерална средба Иванов-Сејдиу сакаше да го амортизира незадоволството на Албанците во државата и пред се’ да покаже подготвеност за добрососедска и активна политика.

Претседателските кабинети во Скопје и Приштина објавија дека Иванов и Сејдиу и натаму ќе останат отворени за тесна соработка меѓу соседите.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска