1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара откривање на насилните демонстранти во општина Центар

АМ/макфакс/миа8 јуни 2013

ЗНМ ги осуди нападите врз новинарите на вчерашниот протест во општина Центар. Градоначалникот Жерновски, пак, побара откривање и казнување на лицата кои ја демолираа општината. ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски манипулира.

https://p.dw.com/p/18mDl
Фотографија: MAKFAX

Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осудува нападите, вербалните закани и попречувањето на работата на новинарските екипи на протестот пред општина Центар во Скопје.

„Загрижува појавата што на протести постојано се напаѓаат новинарите и снимателите при вршење на својата работа, додека полицијата, која е во близина, е само нем набљудувач на овие груби повреди на слободата на јавното изразување, но и на нарушената безбедност на новинарските екипи. Исто така непримерно е граѓаните, кои учествуваат во јавните протести, гневот да го истураат врз новинарите, снимателите и фото-репортерите кои се на работна задача“, се вели во реакцијата од ЗНМ.

Од таму упатија повик до Министерството за внатрешни работи да не дозволува во иднина вакви напади. Истовремено ЗНМ побара од полицијата да ги открие и оние што им се заканувале на новинарите.

Жерновски: Јанкулоска да ги открие и казни лицата кои ја демолираа општината

Откривање, пак, на лицата кои ја демолираа општината Центар побара градоначалникот Андреј Жерновски. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, согласно Уставот и законите, да ги открие лицата кои, со своето вандалско однесување, ја демолираа салата на Советот на општината и ја уништија зелената надворешна површина, побара Жерновски.

Mazedonien Skopje Gemeinde
Фотографија: Makfax

„Сторителите на овие дела лесно ќе се пронајдат, бидејќи на сите снимки и фотографиите се гледа кој кршеше стакла и врата и кој маваше со камења по советниците, градоначалникот и медиумите. Исто така барам да се лоцира вината на оние кои попречија одржување на седница на Советот на општината“, вели Жерновски во писменото соопштение упатено до медиумите.

Тој побара одговор од Јанкулоска - кој им наредил на полицајците да не реагираат?

„МВР, со своето неучество беше директен учесник во немилите настани“, нагласува Жерновски во писмената реакција.

ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски ја манипулира јавноста

ВМРО-ДПМНЕ смета дека градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски сака да ја манипулира јавноста со тврдењето дека црквата „Св. Константин и Елена“ нема да се руши, бидејќи не се предвидува стопирање на изградбата на објекти кои се во рана фаза на изградба.

„Одлуката за укинување на измените на ДУП-от, кои се предложени бараат враќање на стариот ДУП, во кој не е предвидена изградба на црква, што значи дека во тој случај сега изградената црква ќе стане дивоградба, која мора да се руши, заради тоа што ќе ја нема повеќе во деталниот урбанистички план“, истакна на денешната прес-конференција Даниела Рангелова, советник во општина Центар.

Жерновски, според неа, треба да понесе одговорност, бидејќи ја замајувал јавноста и си поигрувал со најдлабоките религиозни чувства, со што испровоцирал илјадници граѓани да кажат што мислат за неговата одлука. Според Рангелова, Жерновски станал градоначалник на рушењето, а не на градењето.