1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бира наследникот на Ехуд Олмерт

Петер Филип16 септември 2008

Членовите на израелската владеачка партија, Кадима, денеска (17.09.2008) бираат нов претседател на партијата. Фаворити се министерката за надворешни работи, Ципи Ливни и министерот за сообраќај, Шаул Мофаз.

https://p.dw.com/p/FJFp
Ехуд ОлмертФотографија: picture-alliance/ dpa

Доколку им се верува на истражувањата на јавното мислење, трката е одамна завршена - кога 74-те илјади членови на израелската партија, Кадима ќе го дадат својот глас за нов шеф на партијата, наследник на Ехуд Олмерт, според анкетите треба да стане министерката за надворешни работи, Ципи Ливни. Во истражувањата на јавното мислење таа котира со 47% добиени гласови. Останатите двајца кандидати, министерот за внатрешни работи, Меир Шитрит и министерот за јавна безбедност, Ави Дихтер се далеку зад Ливни. Само еден не се предава пред резултатите од анкетите, според кои на своја сметка би добил 30% од гласовите - министерот за сообраќај, Шаул Мофаз. Тој сигурен во себе најавува: „Мислам дека ќе победам во првиот круг, со 43,7% од гласовите. И, како што реков, ќе ја составам наредната влада и ќе ја проширам основата на актуелната коалиција.“

Мофаз инсистира на искуство

Ниту збор за тоа од каде му е ваквата самодоверба. Дури и најблиските советници мораат да признаат дека 60 годишниот Мофаз на политиката и‘ приоѓа како армијата. Во Иран родениот Мофаз, порано беше шеф на
Schaul Mofas will Ehud Olmert Nachfolger werden
Шаул МофазФотографија: AP
генералштабот и министер за одбрана и денес им припаѓа на хардлајнерите во неговата партија. На пример, кога станува збор за иранската атомска програма тој беше единствениот член на владата на Олмерт, кој во последните месеци постојано отворено му се закануваше на Иран со напад. И, Мофаз е убеден дека ваква тврда линија има добар одзив во Израел, исто како и во партијата Кадима: „Членовите на Кадима сакаат силна, а не слаба држава. Тие сакаат силен, а не слаб лидер. Членовите на Кадима, исто како и другите граѓани, денес знаат дека не можеме да си дозволиме да избираме луѓе кои немаат искуство, немаат разбирање и способност за носење решенија за да се излезе на крај со опасностите за Израел.“

Ливни бара политичка хигиена

Јасен страничен удар на сметка на Ципи Ливни - министерката за надворешни работи не разбира ништо од егзистенцијалните прашања на Израел. 50 годишната мајка на две деца, која во младоста била агент на израелската тајна служба, ги отфрла ваквите алузии. Таа како министерка за надворешни работи, во текот на изминатите три години учествувала во носењето на
Israel Außenministerin Tzipi Livni
Ципи ЛивниФотографија: AP
најважните решенија. Тука ја вбројува и либанската војна, но нагласува дека почнала рано да се залага за брзо завршување на борбите и повлекување.

Ливни беше таа што по објавувањето на извештајот на истрагата за либанската војна, кој беше уништувачки за Олмерт, препорача премиерот да се повлече од функцијата. Тоа го стори повторно кога Олмерт, под сомневање за корупција, беше сослушуван од страна на полицијата. За Ливни, ова однесување беше прашање на политичка хигиена: „Мора да се каже вистината - дека разочаравме. Луѓето ни‘ веруваа, не‘ избраа и ние не го одржавме зборот за она што го ветивме. Денес го знам тоа и го кажувам, зашто не може да се корегира ништо ако не се признае што се случило.“

Визии без детали

Ливни ветува нов почеток, без да ги соопшти деталите на својата визија за иднината, особено, како треба да изгледа мирот со Палестинците и каква цена е подготвена да плати за тоа. Што се однесува до Сирија, тука е појасно - се разбира дека Израел ќе мора да ја врати Голанската висорамнина, но Дамаск за возврат мора да расчисти со радикалите - од Хамас преку Хезболах до Иран.

Тактичките планови не ги обелоденува ниту Мофаз. Тој во минатото, меѓутоа, беше против повлекување од Газа и е против предавање на Голанската висорамнина. Додека Ливни зборува за повеќе транспарентност и чистота на политиката, Мофаз го дава аргументот на безбедност, но без притоа да каже како таа безбедност ќе се постигне. Тој се потпира врз тоа дека народот нему како на поранешен генерал ќе му верува повеќе отколку на Ципи Ливни. Таа, пак, одговара зајадливо и вели дека нема ништо против генерали - тие на еден премиер му се потребни како советници, за потоа да може да се најде политичко решение.