1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се враќа свеста за важноста на заедничкото готвење и јадење

Нада Штајнман24 декември 2008

Интервју со Гинтер Биркеншток, уредник во германската програма на ДВ и експерт за кулинарство. Тој зборува за јадењата за време на Божик, но и за обичаите и традиците на празникот. Со него разговараше Нада Штајнман.

https://p.dw.com/p/GM5K
Божиќната трпеза е преполнаФотографија: dpa

Во Германија божиќното време е во полн ек. Луѓето му се радуваат на најубавиот празник во годината, меѓу другото, подготвувајќи и свечена трпеза. Што за Германците значи собирањето на заедничка вечера на Божиќ?

Биркеншток: „Божиќното јадење во Германија, на некој начин, е израз на свечената прослава. Соодветно на традицијата го означува крајот на постот, што, во меѓувреме, не игра толку голема улога. Некаде во дваесеттите години на минатиот век, дотогаш конкретно утврдените денови за постење, од 11 ноември до први декември, го губат своето значење. Затоа и јадењето риба е вообичаено за Божиќ. Специјалитети од риба се јадат на 24 декември, на таканаречената Света ноќ. Во поново време кујната станува побогата. Луѓето зборуваат за традиција, но ги заборавиле обичаите. Со оглед на тоа што Божиќ се слави три дена, кујната обилува со специјалитети од месо. На богатата трпеза се служи традиционалното печење од гуска, но и печења од друг вид месо. Впрочем, во деновите на Божиќ се јаде многу, од еден специјалитет се преминува на друг. Трговците знаат дека е вообичаено месото да се порачува една недела пред Божиќ, што покажува дека Германците му придаваат големо значење на подготвувањето на божиќните јадења.“

Кога говориме за божиќно печење, најчесто мислиме на печена гуска со кнедли и црвена зелка. Дали обичајот да се јаде гуска има корени во христијанската религија?

Биркеншток: „Има различни обичаи во Германија. Но, обичајот на божиќната трпеза да има печена гуска си го најде своето место во празнувањето на Божиќот, од 19 век наваму. Не може да се рече дека овој обичај има свои корени во христијанската религија, но има врска со календарската аграрна година и со колењето на животните за зимските прослави. Директно поврзан со христијанската религија е обичајот на трпезата да има риба. Што се однесува до гуските, тие во постари времиња требало да бидат заклани пред да почне зимата, затоа што храната за нив била скапа. Донекаде, секако е случајност што гуската е одбрана да ја збогати трпезата на Божиќ, пред се’ поради тоа што таа е масна. Дури и во 20 век за луѓето маста била важен составен дел во исхраната, најмногу во студените месеци. Денес тоа не важи, но печената гуска остана божиќен специјалитет и врвна вештина во подготвувањето храна.“

Германската прослава на Божиќот е нераскинливо поврзана со шарените панаѓури, што ги има насекаде, и во градовите и во селата. Скоро сите Германци, млади или стари, поминуваат барем по една вечер на панаѓур. Таму се оди во друштво со пријателите и најчесто се јаде и се пие во изобилство. Најпривлечно на панаѓурите е мирисот на убави јадења и топло вино. Како можете да ја објасните фасцинацијата на божиќните панаѓури за луѓето?

Биркеншток: „Ќе посочам две работи што се важни да се објасни тоа. Првата работа може да се појасни со тоа што на германската телевизија готвењето добива се’ поголема улога. Тоа покажува дека сите имаме убави сеќавања на кујната, на домашното огниште, каде што се собира семејството и се чувствува топлината на мајката. Со оглед на тоа што во Германија е се’ поголем бројот на луѓе кои живеат сами, разбирливо е што топлината на семејството се бара да се доживее на телевизискиот екран. Во времето на Божиќ оваа потреба на луѓето по домашното огниште станува поинтензивна. Според мое мислење, се работи за илузија. На божиќните панаѓури се бара идеална слика за социјалните контакти, што, во таа смисла, во денешно време повеќе не постојат. Експертот за социјални прашања на универзитетот во Бон, Гинтер Хиршвелдер, зборува за тоа дека јадењето игра важна улога во обединување на семејството затоа што Божиќ важи за семеен празник. Во големите германски градови повеќе од 50 проценти од домаќинствата се со по едно лице. На Божиќ семејството се собира на заедничка прослава и се мисли, барем чувството е такво, дека овој празник е најголемата семејна прослава во годината. Заедничката трпеза треба да покаже дека сите се сакаат и живеат во хармонија. Но тоа, во пракса, е поинаку и понекогаш на Божиќ во семејствата има и големи потреси. Па, луѓето одново се обидуваат да си поминат убаво за Божиќ, притоа храната и заедничката богата трпеза играат голема улога.“

Дали можете да објасните како конкретно се подготвува јадењето на Божиќ? Дали готви жената или, пак, сите заедно спремаат? Според традицијата, Божиќ е семејна прослава, но дали е така и во денешно време?

Биркеншток: „Иако звучи неверојатно, сепак е така. Може да се забележи противречен тренд, за разлика од другите области во општеството. Од една страна луѓето живеат сами, браковите и партнерските врски одвај да можат да истраат десет години (барем така кажуваат статистичките податоци), а на Божиќ и во денешно време се собира семејството. Тоа е она што си го посакуваме и затоа повеќето Германци по секоја цена сакаат да се зачува божиќниот обичај. Семејството на некој начин се идеализира. Што се однесува до тоа кој готви во семејството, можам да кажам дека тоа најчесто го прават жените. Интересно е и дека во најголем број семејства му се придава големо значење на готвењето свежа храна. Секако дека има и такви семејства што порачуваат веќе подготвена храна, но тоа е поретко. Во суупермаркет може да се купи печена гуска за 50 или 60 евра, а има и подготвени и во кесички спакувани кнедли.“

Соодветно на традицијата, задолжително е печењето колачи за Божиќ. Во германските семејства колачите се печат за децата, а и тие учествуваат во подготвувањето. Дали овој обичај постои и денес?

Биркеншток: „Германија е мултикултурна земја во која се испреплетуваат различните трендови во општеството. Не би можел да прикажам идеална слика за Германците затоа што и овде, како и насекаде во светот, ситуацијата се менува. Мал е бројот на семејствата што му посветуваат многу време на готвењето и печењето колачи за разлика од пред 20, односно 30 години. Во некои семејства оваа традиција се почитува. Интересно е дека постои нов тренд што се забележува кај една мала група луѓе. Тие повторно стануваат свесни за вредноста на заедничкото подготвување, односно консумирање храна. Постојат и организации што работат на тоа во училиштата повторно да се воведе настава по готвење, така што кулинарството повторно би станало составен дел на семејниот живот.“

Децата најмногу му се радуваат на Божиќот, но и детската душа во секој човек сака да ја доживее радоста и волшебноста на божиќната вечер. Дали Божиќ и во денешно време може така да се доживее?

Биркеншток: „Може да се каже дека се’ до денес Божиќ остана празник во кој семејството си посакува безгрижен убав светол свет. Затоа, овој празник им е посветен пред се’ на децата, кои најмногу им се радуваат на подароците, на накитената елка, на хармоничниот семеен живот и се разбира на добро подготвените јадења. Затоа и родителите на прославата на Божиќ и’ посветуваат големо внимание, со желба нивните потомци убаво да се сеќаваат на домашното огниште.“