1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се врти ли Израел кон десно?

Керстен Книп / Темјана Поповска2 ноември 2012

Разликите во израелското општество се‘ повеќе се зголемуваат, покажа едно неодамнешно истражување. Многумина Израелци имаат исклучително радикални ставови кон своите арапски сограѓани и Палестинците na Западниот брег.

https://p.dw.com/p/16bxq
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Мнозинството Израелци поддржува апартхејд режим во Израел“, гласеше насловот на коментарот на познатиот, но истовремено и спорен новинар Гидон Леви, објавен на крајот на октомври во израелскиот дневен весник „Хаарец“. Во Израел дури и самиот наслов на текстот предизвика жестоки реакции. Текстот се однесува на неодамна објавените резултати од истражувањата за ставот на израелските Евреи кон државата Израел, како и кон Палестинците кои живеат на Западниот брег. Оваа студија покажа дека 69% од испитаниците сметаат оти на Палестинците треба да им се одземе правото на глас, доколку Израел го анектира ова подрачје. Исто така, 74% од испитаниците сметаат дека во окупираните области би било добро да се изградат одвоени автопати кои одвоено би ги користеле Евреите и Палестинците. Понатаму покажува и дека 38% од испитаниците „можат да замислат“ Израел да го анектира Западниот брег. Но, истовремено, 48% од нив се изјасниле дека се против тоа.

Здив на апартхејд?

Резултатите од ова истражување во голема мера ја возбудија јавноста, па сега многумина поставуваат прашање: може ли од резултатите од анкета како оваа, да се заклучи дека израелските испитаници поддржуваат систем на апартхејд, односно политика на дискриминација? „Аперхејдот веќе се наоѓа во воздухот. Овој режим во Израел е можен“,вели еден од авторите на студијата, Амир Голдблум, биохемичар на Универзитетот во Ерусалим. По жестоките критики на сметка на објавениот коментар, уредниците на „Хаарец“ по неколку дена го променија насловот на текстот во „Мнозинството Израелци би им го одзеле правото на глас на Палестинците во случај на анектирање на Западниот брег“.

Nahost
Израелски војник разговара со доселеник во Западниот брегФотографија: AP

Меѓутоа, споменатата студија ги покажува и следините ставови: 49% од испитаниците сметаат дека државата би требало повеќе да се грижи за животот на Евреите отколку на Арапите, 42% од испитаниците не ги сакаат Арапите за соседи, а исто толкав број не сакаат нивните деца да одат во исти одделенија со арапските деца. „Од сето тоа произлегува дека еден значаен дел од еврејската заедница има став кој може да се опише само како националистички и расистички“, тврди Леви.

Жестоки реакции на интернет

Многубројните писма од читателите, објавени на интернет, јасно покажуваат до која мера израелското општество е поделено. Додека некои автори негодуваат дека студијата има премалку испитаници (503 лица), други забележуваат дека резултатите на прашањата како расизмот и нетолеранцијата би биле речиси исти во случај кога испитаниците би биле Палестинци, додека трети сметаат дека резултатите на студијата ја покажуваат фактичката состојба, односно - вистина и реалност.

Сите се согласуваат само во едно: односот кон Палестинците зависи од верската припадност и убедувања на испитаниците. Исто така студијата покажува дека припадниците на ултраортодоксните еврејски заедници покажуваат најмногу нетрпеливост кон Палестинците, додека кај ортодоксните Евреи нешто помалку. „Во секој случај, со други зборови може да се заклучи дека Израел веќе не е единствена земја каква што била во моментите на основањето, во текот на 1940-тите па се‘ до 1970-тите години. Оттогаш политичката десница станува се‘ посилна и општествотоЕпочнува да се дели“, вели Амир Голдблум.

Неговото мислење го делат и многу други. „За голем број Израелци нивната држава е предуслов за достоинствен живот. Но, од друга страна, многу религиозни евреи го исчекуваат доаѓањето на Месијата кој би требало повторно да го изгради храмот, запален пред 2000 години. Сепак, тие се малцинство“, потврдува за Дојче Веле, Ави Примор, некогашен израелски амбасадор во Германија.

Israelische Peace Now Bewegung in Hebron
Израелски мировни активисти во ХебронФотографија: picture-alliance/dpa

Поделено општество

„Доколку ултраортодоксните Евреи стигнат до влас и моќ, ќе исчезне демократијата, слободата на говорот, жените веќе нема да бидат рамноправни со мажите, малцинствата нема да имаат никакви права, а кон хомосексуалците ќе се однесуваат како кон животни. Каков ќе биде односот кон оние кои не се Евреи во една таква држава, воопшто не би ни сакал да говорам“, вели, на пример, писателот Давид Гросман, добитник на Наградата за мир на германските книгоиздавачи.

Со други зборови, во Израел разликите меѓу одделни групи, верски и секуларни, како и нивните различни ставови се‘ повеќе се зголемуваат. Што се однесува на нивното мислење за Арапите, односно Палестинците и евентуалното спојување на окупираните области во кои се наоѓаат еврејски населби - засега, сепак, поголем број Израелци се против тоа. Но во секој случај, доколку спорот меѓу Палестинците и Израелците не се реши, се заканува опасност од радикално влошување на односите. „Моменталната ситуација е плодно тло за успех на радикалните партии и ставови во Израел“, вели Амир Голдблум. Дали од една таква ситуација навистина ќе настане вистински апартхејд режим- или пак веќе постои- за тоа во Израел се‘ уште жестоко се дискутира.