1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се врши истрага за употреба на хемиско оружје во 14 случаи

ЕМФ/афп/ртр/епд16 септември 2013

Комисијата на ОН за човекови права денеска (16.09) во Женева соопшти дека се врши истрага за 14 случаи во кои наводно е употребено хемиско оружје во Сирија.

https://p.dw.com/p/19iGi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пауло Серџо Пињеиро, шеф на независната Комисија на ОН, задолжена од страна на Советот за човекови права на ОН за случајот Сирија, денеска изјави: „Истражуваме 14 случаи во кои наводно е употребено хемиско оружје“.

Во најголемиот дел од случаите има обвинувања на сметка на режимот на Асад, но се води истрага и за можна употреба на хемиско оружје од страна на бунтовниците. Меѓу случаите, според Пињеиро, е и нападот од 21 август кај Дамаск, во кој, според американски трвдења, загинале околу 1500 лица. За овој напад вечерва во Њујрок треба да биде поднесен посебен извештај на ОН.

Претходно, експертите на ОН за човекови права, констатираа значително зголемување на бројот на убиства и други злосторства извршени од страна на опозиционите групи на северот на Сирија. Нападите се главно извршени од страна на екстремистички борци, соопштија истражителите на ОН денеска (16.09) во Женева. „Цели бригади во меѓувреме се составени од борци кои се дојдени во Сирија однадвор“, рече Пињеиро пред Советот за човекови права на ОН.

На страната на сириските бунтовници, според информации на иследниците на ОН, се борат луѓе од повеќе од 10 земји. Многумина од нив се од Авганистан и Чеченија, или пак и‘ припаѓаат на Ал Нусра, групација блиска со Ал Каеда. Сириската влада пак, според извештајот на Пињеиро, продолжува со бомбардирање и артилериски оган во целата земја.