1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ е по старо

Михаел Кастрициус 24 февруари 2009

На денешен ден (24.02.2009) пред една година за претседател на Куба беше избран Раул Кастро. Тој дојде на местото на својот брат Фидел и во него се полагаа големи надежи. Но, надежите брзо згаснаа.

https://p.dw.com/p/H0KL
Фотографија: picture-alliance / dpa

Во Хавана луѓето се шегуваат дека на Куба се‘ е по старо, како во времињата на стариот Кастро - Фидел, зашто и по една година претседателствување на 77-годишниот Раул, во земјата не се случи пресврт. Кубанците и натаму чекаат во редици пред продавниците и службите на речиси празните улици. Чекаат на подобрување на условите за живеење. Раул Кастро прво разбуди надеж дека ќе бидат направени барем првите чекори. Така беше, на пример, во текот на неговиот говор кога ја преземаше функцијата, пред една година: „Објективно погледнато има ограничувања што ни‘ се познати на сите и поради кои секојдневно страдаме. Имаме преголем број забрани и правила. Да почнеме со тоа што ќе ги укинеме наједноставните. За другите правила е потребно повеќе време - мора да се изработат студии и да се променат закони. Мора да ја направиме владата поефикасна!“

Надежта цутеше само во текот на пролетта

Во април и во мај стапија во сила некои мали реформи, кои се однесуваат пред се‘ на потрошувачката. Оттогаш слободно можат да се купуваат компјутери, телевизори, ДВД-плеери, апарати за варење ориз или велосипеди на електричен погон. Кубанците можат да преноќеваат во сите кубански хотели, а легално може да се дојде и до мобилен телефон. Но, овие новитети предизвикаа вистинско внимание пред се‘ во странство, вели Ричард Хаеп, кој работи во хуманитарната организација „Германска помош за гладните“: „Тие реформи беа први и со нив, всушност, се легализираше она што долго време беше пракса. Секој Кубанец кој тоа го сакаше и можеше да го плати, можеше да има мобилен телефон доколку се обратеше на странец кој сакаше да склучи договор за телефонот на свое име. Тоа беше една од апсурдните забрани кои Раул Кастро ги спомена во својот говор. Тоа, се разбира, е нешто што можеби се забележува во странство, но овде нема воопшто никакво значење.“

50 Jahre Revolution Kuba Raul Castro
Во Раул Кастро се полагаа многу надежиФотографија: AP

Попусто реформи, кога нема пари

Кон ова треба да се додаде и дека сите овие слободи при потрошувачката имаат едно големо ограничување: сето тоа се плаќа само со домашната замена за доларот, која на Куба се нарекува КУК. Тука кубанскиот пезос како валута не се употребува. До КУК може да се стигне доколку се добијат пари од странство преку банка или доколку се работи во туристичката бранша. За оние што ги немаат овие привилегии и немаат пристап до КУК, ваквата слобода за купување не значи ништо. Дел од овие луѓе е и 26 годишниот Карлос, портир во едно државно претпријатие. Тој вели: „Единствено нешто што се промени е јавниот сообраќај на кратки релации. Тој стана нешто подобар. Ја зголемија и платата. Се разбира дека можеме да купиме компјутер. Супер, тој чини 800 КУК. Каде да ги најдам, заработувам само 20 КУК месечно. Тоа е играње мајтап, владата си игра мајтап со нас. Освен тоа, овде сме затворени, не можеме да патуваме, дури и на Хаити каде има поголема сиромаштија отколку овде. Ни‘ останува да земеме чамец и да тргнеме во насока на Мајами. Ова ти го велам без страв, но кога би ме слушнал полицаец, би се нашол в затвор, зашто нема слобода на печатот.“

Männer spielen Basketball in den Straßen in Havanna, Kuba, Cuba
Граѓаните на Куба се сиромашни и разочараниФотографија: picture-alliance / Lehtikuva / Hehkuva

Очи свртени кон Обама

Од летото 2008 година нема ниту козметички промени. Три уништувачки урагани минаа низ Куба. Штетата се проценува на седум милијарди евра. Истовремено, Фидел Кастро повторно се јавува погласно за збор, а околу Раул е потивко. Тој може да собира поени само на меѓународна сцена - го обнови пријателството со Русија и во Хавана го прими кинескиот претседател. Шефовите на латиноамериканските држави речиси едногласно од САД бараат да биде укинато ембаргото врз Куба. Надежите на повеќето Кубанци сега се подгреваат од доаѓањето на новиот човек во Белата куќа, а не од двајцата Кастровци дома.