1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заговара автономија за северот на Косово

Ивица Петровиќ / Борис Георгиевски21 март 2012

Во меѓународната заедница се јавуваат се‘ повеќе планови за политичко решение на проблемот на северот на Косово. Прашањето е дали автономијата на северот на Косово ќе биде прифатлива за сите?

https://p.dw.com/p/14OW7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претставниците на меѓународната заедница се‘ почесто нудат разни планови, идеи, или едноставно гласно размислуваат на тема политичко решение за северот на Косово. Последна во низата такви идеи потекна од Штефан Лене, актуелен експерт на Карнеги фондацијата, кој изјави дека техничките преговори меѓу Белград и Приштина треба да се насочат на политички колосек и дека на нив треба да се разговара за прашањето за автономија на северот на Косово.

„Пробни балони“

Експертите во Србија ваквите најави ги оценуваат како следен чекор во преговорите кој го подготвува меѓународната заедница. Професорот на Факултетот за политички науки Предраг Симиќ вели дека во тој контекст треба да се гледаат и идеите кои се пласираат во јавноста како некој вид „пробен балон“.

„Мислам дека во моментов ниту во Приштина постои волја на Србите да им се даде автономија, ниту пак Србите во Косово би прифатиле автономија под контрола на Приштина. Тие нешта нема да одат така лесно и тие проблеми ќе го запрат дијалогот, но и ќе го одложат почетокот на преговорите на Белград со ЕУ“, вели Симиќ.

Kosovo Unabhängigkeitstag Jubiläum
Фотографија: AP

Западните сили сега решија посериозно да го отворат проблемот со северот на Косово, меѓу другото и поради засилениот ангажман на Русија на Западниот Балкан, оценува Огњен Прибичевиќ од Институтот за општествени науки. Автономијата е најмногу што може да се оствари, но прашање е дали тоа ќе ги задоволи тамошните Срби, но и Белград.

„Не верувам дека Приштина или Белград ќе се откажат од своите претензии кон северот. Можеби нешто како двоен суверенитет би било најреално решение. Основните дејности, образованието, правосудството итн. да бидат во рацете на луѓето кои таму живеат и кои самите би одлучувале за овие области. Такви автономии веќе постојат и тие не се непознати за Европа“, вели Прибичевиќ.

Двоен суверенитет

Самото прашање за автономијата е некој вид политичка контрадикторност. Од една страна, се бара распуштање на паралелните институции, а се претпоставува дека автономијата ќе подразбира и некакви автономни институции.

„Тоа е така, но токму прашањето кој ќе има авторитет над тие институции е клучно. Токму тука решението се движи во правец на тој двоен суверенитет, значи нешто што ќе им овозможи и на Белград и на Приштина да кажат дека тие имаат контрола“, вели Прибичевиќ.

Во секој случај, сите овие идеи не значат дека западните земји се откажале од идејата за независно Косово, напротив. Но, факт е дека се’ помалку се говори дека Косово е завршена работа и дека за тоа прашање нема што повеќе да се разговара, заклучува Прибичевиќ.