1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заострува кризата во Тунис

ЕМФ/дв10 февруари 2013

Владината криза во Тунис се заострува. Премиерот Хамади Џебали изјави дека ќе поднесе оставка доколку парламентот ја спречи планираната реконструкција на владата, која треба да биде технократска.

https://p.dw.com/p/17baV
Фотографија: picture alliance/ZUMA Press

Ако партијата Енада и другите партии ги отфрлат неговите предлози за преодна влада составена од независни експерти, тој ќе поднесе оставка, изјави тунискиот премиер Хамади Џебали (фото горе) за француската телевизија.

Џебали, кој припаѓа на умереното крило на исламистичката партија Енада, има намера да претстави технократска влада до средината на наредната недела. Таа влада би требало да ја води земјата до одржување нови избори. Против ваквиот план веќе се јави отпор во рамките на неговата партија Енада, како и кај двете партии кои се помали коалициони партнери.

Намерата на Џебали е реакција на масовните насилни протести во земјата кои траат со денови. Протестите беа предизвикани од убиството на опозициониот политичар Шокри Белаид, минатата среда.

Белаид постојано беше критичен кон Енада и предупредуваше од опасноста од муслиманските екстремисти. Многумина Тунижани сметаат дека атентаторите доаѓаат од редовите на Енада. Убиството на Белаид го продлабочи уште повеќе јазот меѓу религиозните и нерелигизоните граѓани на Тунис. Вчера (09.02) на улиците демонстрираа илјадници приврзаници на Енада за да ја изразат својата солидарност со таа партија. Претходниот ден пак, десетици илјади луѓе учествуваа на марш на тага за Белаид.