1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Се множат знаците за излегување на Грција од еврозоната“

Зоран Јордановски/фтд/фац24 мај 2012

Германските весници денеска известуваат дека земјите од еврозоната работат врз планови за се’ поверојатната ситуација дека Грција по изборите ќе го напушти еврото.

https://p.dw.com/p/151fb
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Со оглед на се’ појасниот одбивен став на грчката политика во средата се намножија знаците за испаѓање на Грција од еврозоната. Како што можеше да се дознае, работни групи во Европската централна банка (ЕЦБ) и во германската Бундесбанка ги проверуваат плановите за излегувањето на Грција. Портпароли на ЕЦБ и на Бундесбанката не сакаа ни да го потврдат, ниту да го коменираат тоа“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) и потсетува и на зборовите на еврокомесарот за трговија Карел де Гухт од крајот на минатата недела, дека во Комисијата на ЕУ и во ЕЦБ се изработуваат соодветни вонредни планови.

„И од најновиот месечен извештај на Бундесбанката може да се осознае дека е исцрпено трпението во однос на Грција. Развојот е загрижувачки во голема мера, се вели таму. Грција се заканува дека нема да ги спроведе договорените мерки за реформи и консолидација во противпотег за обемните програми за помош. ’Со тоа се става на коцка продолжувањето на помошта‘, предупредува Бундесбанката. Европа и Германија би биле соочени со значителни предизвици. Но, тие ’можат да се контролираат со претпазлив кризен менаџмент‘. (...) Евросистемот, при ставањето на располагање парични средства на Грција, веруваше дека програмите ќе бидат спроведени и со тоа презема големи ризици, се вели понатаму. Тие сега не би смеело натамошно да се шират. (...) Истовремено се множат знаци дека владата во Атина го запира спроведувањето на реформите што се поврзани со програмите за помош. Предлогот на новиот министер за труд Антониос Рупакиотис, договорените реформи на пазарот на трудот да бидат запрени додека да поминат изборите на 17 јуни, се оценува како обид за правење чекор назад“, пишува ФАЦ.

Griechenland Finanzkrise Presse Deutschland Attacke auf Wolfgang Schäuble
Фотографија: dapd

Магазинот „Шпигел“ во онлајн-изданието пишува: „Европските земји се подготвуваат за истапување на Грција“. На почетокот од текстот се вели: „Кризата во презадолжената Грција се заострува - и другите членови на еврозоната веќе се подготвуваат за клучниот момент: експерти од 17 евро-држави изработуваат вонредни планови за случај Грција да истапи од зоната на еврото“. Во прилогот се цитирани зборовите на претседавачот со еврогрупата Жан-Клод Јункер: „Разбирливо само по себе е дека ние мораме да се подготвиме за сите сценарија, оти инаку нема да ја оправдаме нашата задача“.

„Фајненшел Тајмс Дојчланд“, пак, го цитира новоизбраниот француски претседател Франсоа Оланд: „’Грците треба да имаат доверба во солидарноста во еврозоната’, ги охрабрува Оланд грчките избирачи да не гласаат за опозиционите партии. Но и самиот Оланд потврди дека и во Франција се занимаваат со сценаријата, што ќе се случи ако резултатот од изборите како последица има истапувањето на земјата од еврото“.