1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се ниша безвизниот режим за Балканот?

ЖА/дв/дпа/епд9 април 2013

Германија со месеци се стреми кон укинување на безвизниот режим поради напливот на баратели на азил. Германската влада во ова сега добива поддршка и од Европскиот парламент.

https://p.dw.com/p/18CF3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Државите од ЕУ веројатно наскоро ќе можат да бараат во случај на потреба повторно воведување визи за земјите од Балкан. Надлежната комисија на Европскиот парламент се согласи на укинување на одредено време на безвизниот режим за државјаните од одредени земји надвор од ЕУ, како Србија и Македонија.

За оваа можност на ниво на ЕУ особено се залагаше германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих.

„Мораме да спречиме луѓе со потекло од сигурни држави, поради што немаат апсолутно право на тоа, да бараат азил кај нас“, истакна Фридрих неодамна. Во Германија бројот на баратели на азил лани е зголемен за 41 процент, на 65 илјади случаи.

„Ова е највисокото ниво во последните десет години“, вели Фридрих.

Во Германија стигнуваа бегалци посебно од земјите на поранешна Југославија. Како една од причините за порастот се смета одлуката на германскиот Уставен суд од јули 2012 година за покачување на додатоците за барателите на азил.

Клаузули за вонредни ситуации

На потег сега се Европарламентот и земјите-членки, кои треба да дадат согласност. Шест држави, меѓу кои и Германија и Франција, поради растечкиот број баратели на азил инсистираат на воведување клаузула за вонредни ситуации, која ќе овозможи суспензија на безвизниот режим. За ова со месеци дебатираа Европскиот парламент, Европската комисија и Советот, но сега клаузулата треба да биде додадена кон регулативата на ЕУ.

15.11.2012 DW Deutschland heute Asyl
Пораст на бројот баратели азил во Германија

Според заклучокот на надлежната Комисија, државите-членки на ЕУ ќе смеат да ја укинат визната либерализација за Шенген просторот ако дојде до „ супстанцијален и ненадеен пораст на бројот на илегални доселеници или неосновани барања за азил, но само како „последен излез“.

Кај барателите на азил од Србија и од Македонија се работи за Роми. Тие се сметаат за бегалци од економски причини, кои не се изложени на политички прогон. Германските власти затоа ги одбиваат речиси по правило нивните барања. Организациите за заштита на бегалците меѓутоа укажуваат дека Ромите во нивните татковини често живеат во човечки недостојни услови. Двете земји се инаку членки за прием во ЕУ.

ЕУ во минатите години ги укина визите за земјите од Западен Балкан (БиХ, Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија). На Македонците и на Србите не им треба виза од 2009 година. Но, доколку се загрозува јавниот ред, националната безбедност или здравјето на населението, безвизниот режим може да биде укинат. Зелените во Европскиот парламент не ја поддржуваат одлуката, критикувајќи дека со ваква регулатива се дискредитира правото на азил.