1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се одалечува ли Македонија од членство во НАТО и ЕУ?

5 октомври 2007

Во Брисел се загрижени, дека поради недостатокот на конкретни резултати одговорот би можел да биде да. Пораката гласи - се е во рацете на македонските политичари.

https://p.dw.com/p/Bmto
Фотографија: AP

Ќе ја пропушти ли Македонија шансата да добие датум за почеток на преговори со ЕУ во 2008 година? Ако реформите останат закочени и работите не се придвижат напред и тоа брзо, можно е следната да биде уште една загубена година за земјата, велат дипломати во Брисел. Македонските политичари мора да бидат свесни за одговорноста, вели за Дојче Веле, европарламентарецот Јелко Кацин.

Се во рацете на македонските политичари

„Сите карти се кај македонските политичари и останатите ваши менаџери. Кога тие ќе докажат дека Макдонија треба да биде идна членка на ЕУ тогаш ќе добијат и датум.“

Најава за датум за преговори нема и по две години кандидатски статус, нема најава за датум за почеток на преговори. Речиси е сигурно дека ЕК ниту во претстојниот извештај нема да препорача вакво нешто за Македонија. Сета надеж е во словенечкото претседателство кое сака со помош на еден вид преоден извештај да го истурка ова во првата половина на следната година,

„Тоа зависи од многу работи.Ако Македонија покаже толку голем напредок, тогаш е многу можно. Но, треба и во ЕУ да се усвојат договор за реформи нà инстутициите, бидејќи и без тоа е невозможно“.

Опасност од големо одложување

Ако тоа не им успее на Словенците тешко дека тоа ќе го сторат нивните наследници, велат за Дојче Веле европски дипломати. Тоа би значело големо одлагање на започнувањето на преговорите, а Македонија ќе ја загуби предноста и ќе се разгледува заедно со земји како Босна, Црна Гора и Србија, е проценката на дипломатите. Во Брисел се надеваат дека нема да се случи како што велат вакво црно сценарио. Се зависи од Македонија, смета европарламентарецот Кацин:

„ Убеден сум дека вашите политичари можат да сторат повеќе и побрзо од до сега. Работата треба да ја одработите сами. Само треба да решите да го направите тоа,“ порача Кацин за Дојче Веле.

И критериумите за членство во НАТО се слични со оние кои ги бара ЕУ. Оттука и очекуваната покана за членство во Алијансата на следниот самит не е загарантирана. Во Брисел веќе се вртат опции дека Македонија може да ја добие поканата, но потоа преку одолговлекување со преговорите, да се одолговлечи и членството. Македонскиот претседател Црвенковски од средата е во мисија во Брисел да ги убеди овдешните дипломати дека неговата земја има капацитет забрзано да ги исполни барањата. Денеска таква задача има во НАТО, каде се среќава со првиот човек на Алијансата Јаап Де Хоп Шефер.